Министерството за внатрешни работи доби 33 нови полициски скутери, обезбедени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Покрај 33 скутери, набавени се и исто толку комплети заштитна мотоциклистичка опрема.
Вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари, приближно 274.000 евра. Во сумата се вклучени и мотоциклите и заштитната опрема.
Според МВР, новата набавка треба да овозможи поголема мобилност на сообраќајната полиција, поефикасно регулирање на сообраќајот и подобри услови за работа на полициските
службеници.
Официјалното примопредавање беше извршено во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски.