30.000 шишиња, вредни италијански вина, во вредност од околу 5 милиони евра се украдени од винарија во Тоскана. Производителот вели дека станува збор за најголемата кражба на вино во Италија.
Цел на крадците бил објектот на ,,Маркези Антинори” во близина на Кортона, во покраината Арецо, каде што група од најмалку седуммина крадци во сабота навечер, на трети октомври побегнале со шишиња од некои од најбараните италијански вина, вклучувајќи ги Солаја, Тињанело и Гвадо ал Тасо. Во интерес на истрагата случајот дури сега се објави јавно.
Крадците биле снимени од безбедносните камери. Откако прво го оневозможиле алармниот систем на винаријата, ги искористиле виљушкарите на компанијата, по што натовариле два камиона со палети вино и побегнале.
Украдените шишиња биле од бербата 2023 кои што обично се продаваат по малопродажна цена помеѓу 150 и 300 евра по шише. Меѓу нив биле и околу 12.000 шишиња Солаја, едно од водечките вина на ,,Антинори”. Скапоцените вина не биле осигурани бидејќи никој не помислувал дека може да се случи таков грабеж. Компанијата, ги предупредува клиентите во светот да бидат претпазливи кон понудите надвор од официјалните продажни канали.
“Тоа е неверојатен број шишиња, никогаш не се случило. Ова е причината зошто, на пример, немавме дури ни осигурување за да ја покриеме целата оваа количина вино бидејќи никогаш не се случило во историјата”, изјави Ренцо Котарела, извршен директор и производител на вино во ,,Маркези Антинори”.
„Маркези Антинори“ е една од најстарите, најголемите и најпрестижните семејни винарии во Италија и светот, која датира од 1385 година. Со неа, веќе 26 генерации раководи семејството Антинори.
Властите истражуваат како може да се продаде украденото вино. Најновиот филмски грабеж ги засени претходните познати грабежи на вино во Италија. Во 2017 година, крадци украдоа околу 2000 шишиња ретки вина во вредност од 750.000 евра од магацин во близина на јадранскиот туристички град Червија.