По повод Светскиот ден на мозочниот удар, кој се одбележува на 29 октомври, Универзитетската клиника за неврологија во Скопје организира активности за подигнување на свеста за превенцијата, препознавањето на симптомите и навременото лекување.
На 27 октомври, од 10 до 12 часот, на плоштадот „Македонија“, пред платото на „Пелистер“, граѓаните ќе можат бесплатно да го измерат крвниот притисок, шеќерот и холестеролот во крвта, како и да направат проценка на ризикот од мозочен удар.
Следниот ден, на 28 октомври, од 11 до 13 часот, на Универзитетската клиника за неврологија ќе се организира Отворен ден, во чии рамки ќе се вршат бесплатни доплер-прегледи на каротидните артерии. Според најавата, прегледите се отворени за сите заинтересирани граѓани, без ограничување на бројот на прегледи.
Централниот настан ќе се одржи на 29 октомври, со почеток во 10 часот, во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Во фокусот ќе бидат превенцијата, раното препознавање на симптомите и подобрувањето на здравствената грижа за пациентите.
Мозочниот удар е сериозна здравствена состојба кај која брзата реакција може да биде пресудна. Ненадејно искривување на лицето, слабост на раката или нарушување на говорот се предупредувачки знаци поради кои веднаш треба да се повика итна медицинска помош.
Со овие активности, Клиниката апелира до граѓаните редовно да ги контролираат ризик-факторите и навреме да побараат медицинска помош.