репер интервју

Ана Стојанова искрено до сите жени: Ти вредиш и сега, со сите килограми што сакаш да ги симнеш- СЛАБЕЈТЕ НАЈАДЕНИ!

  • 7 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Во современиот ритам на животот, жените најчесто наоѓаат време за сите обврски, семејството и работата, ставајќи ги сопственото здравје и потреби на последното место. Сепак, вистинската промена и градењето на самодовербата почнуваат оној момент кога жената ќе реши да биде малку „себична“ и да се стави себеси на списокот на приоритети. Со јасна визија и искрен пристап, оваа фитнес-инструкторка и креаторка на платформата Peach Army, веќе осум години им помага на илјадници жени да ја вратат формата и животното задоволство. Нејзиниот концепт го руши познатиот мит дека патот до посакуваната фигура води преку гладување, промовирајќи ја популарната девиза „Слабееме најадени“. Преку практични совети за исхрана и реална организација на оброците, таа покажува како храната може да стане уживање без непотребна грижа на совест. Нејзината заедница претставува сигурно место каде што жените добиваат меѓусебна поддршка, разбирање и мотивација да продолжат понатаму без казнети диети и лутина пред огледалото. Екслузивно за РЕПЕР, Ана Стојанова говори за важноста на превентивните прегледи, надминувањето на изговорите и уметноста да се сака сопственото тело во секоја фаза од животот.

РЕПЕР: Колку е важно жените да се грижат за своето тело, за самодовербата и првенствено за здравјето?

АНА СТОЈАНОВА: Благодетот и проклетството на една жена е дека ќе најде време за сите освен за себе. За децата, за работа, за дома, за сè што „мора“ да се заврши. И кога ќе дојде „ТАА“ на ред, веќе нема ни време ни сила, а не е ни толку битно и страшно си велиш. Е, тука треба малку да си го смениме редот. Тајната на среќна и самоуверена жена е да биде по малку себична. Нема никој да остане пократок ако и ти се ставиш на списокот на луѓе за кои се грижиш.

Верувам дека даваш сè од себе да бидеш добра мајка, жена, сопруга, пријателка, колешка… Толку многу сме окупирани да сме добри за сите што заборавивме дали сме добри за себе? Дали си уморна, дали нешто те мачи, дали постојано одложуваш преглед?!

Мој совет е: како што не забораваш кога детето има обврска, запиши си го и твојот преглед, твојата прошетка, твојот тренинг. Немој секогаш ти да бидеш таа што може да почека.

РЕПЕР: Дали вистинската промена почнува кога ќе си речеме: „Доста е, време е да заблеска вистинската јас“?

АНА СТОЈАНОВА: Често знам да кажам не доаѓај на моја програма ако очекуваш некој друг да ја заврши работата за тебе. Не доаѓај ако мислиш дека ќе те убедуваме секој ден со илјада нови причини зошто е битно да вежбаш. Дојди кога ќе ти „светне нешто“ или кога ќе дојде баш тој „доста е“ момент. Во ред е да пропуштиш тренинг, да имаш лош ден и слично, затоа сме тука да те поддржиме и кажеме дека не е страшно, продолжуваме понатаму. Во период кога илјадници жени во групата се со иста цел како тебе и секој ден се борат да останат доследни, многу е лесно да се скршне од патот ако не си силно решена да успееш. Доста е кога ти ќе кажеш дека е доста, а не кога Ана ќе извади нова програма. Само што тоа „доста е“ не мора да дојде со лутина кон себе. Не мора да застанеш пред огледало и да си кажеш сто лоши работи за да решиш да направиш нешто добро за себе.

Може едноставно да си речеш: „Ми фали да имам време за себе, да се дотерам со мерак, да не се кријам на секоја слика“. И оттука да почнеш. Ти вредиш и сега, со сите килограми што сакаш да ги симнеш. Тоа сакам жените да си го запаметат.

А самодовербата почнува да расте со секое мало ветување што ќе си го исполниш. Си рекла дека ќе одвоиш 15 минути и си ги одвоила. Ете, си направила нешто за себе. Затоа мојот совет е: за почеток избери едно мало ветување што можеш да го исполниш и во обичен, напорен ден. Тука се гради промената.

РЕПЕР: Колку е важна исхраната и кои грешки најчесто ги прават жените кога сакаат да ослабнат?

АНА СТОЈАНОВА: Имам интересно видео на темава каде што почнувам со „Жено ти си жива гладна“ и вистина е така. Најголемата заблуда на жените е што мислат дека се слабее без храна, а во пракса е целосно спротивно. Најлесно е да си кажеш: „Од утре сè кратам“. Без благо, без леб, без вечера… И очекуваш преку ноќ да станеш човек со сосема други навики. Па се држиш добро до 18 ч, а после тоа ти пее стомакот. Уф, како се јаде сè што ти дојде при рака тогаш. Знам дека ви е познато. Па на прв настан, ќе изедеш нешто што не треба и веќе си велиш: „Пробав, не оди, сега можам и да продолжам да јадам, не е ова за мене“.

Една грешка не го брише трудот. Ама мислата дека мора сè да биде совршено знае баш да нè заглави. Храната ни е дел од секојдневието, од дружбите, од славењата. Треба да научиме како да ја вклопиме, без за секој залак да си судиме. Доаѓа од човек што обожава храна, сака да готви, а не само да поминува време во теретана и полни чинии со бел стек и ориз. Тие што ме следат и се дел од моите програми многу добро знаат каков гурман стои зад сето ова, не случајно од кај нас излезе „Слабееме најадени“.

Според мене поголемиот дел од жените не е дека не успеваат заради тоа што се мрзливи, туку не знаат од каде да почнат. Немаат план, немаат насока и организација која е посебно потребна кога имаш фамилија и имаш повеќе грижи и обврски во денот.

Најлошо е веќе гладна да решаваш што ќе јадеш. Немој да одите таму, од тука доаѓаат најлошите идеи. Смисли си однапред неколку едноставни оброци што ги сакаш и можеш да ги подготвиш. И ако еден оброк ти излезе од планот, со следниот продолжи си нормално. Нема казнување, нема „од утре ништо не јадам“. Многу грешиш ако си мислиш дека нема да погрешиш. Затоа реални очекувања и малку повеќе планирање.

РЕЕПЕР: Што би ѝ кажала на жена која вели: „Ќе почнам да вежбам од понеделник“?

АНА СТОЈАНОВА: Би ѝ рекла: „Ајде, договорено. Кој понеделник и во колку саат?“ Затоа што тоа „од понеделник“ многу лесно ни станува начин да си ја тргнеме обврската од глава за денес. И сите сме го правеле тоа за нешто.

Не чекај да ти се расчистат сите обврски и да те фати некоја огромна мотивација. Секогаш ќе има алишта за перење, рилови за гледање, нешто за довршување и ден кога повеќе ќе ти се лежи.

Затоа, одбери си реален термин и стави го во календар. Ако имаш само 15 минути, почни со 15. Не си задавај распоред што и самата знаеш дека нема да го издржиш. И кога ќе пропуштиш тренинг, не си кажувај „јас не сум за ова“. Продолжи на следниот. Еден пропуштен ден не мора да стане уште три месеци чекање.

РЕПЕР: Колку жените во Македонија се подготвени да платат за телото од соништата?

АНА СТОЈАНОВА: Жените сакаат да вложат во себе, ама сакаат и да знаат за што плаќаат. И сосема се во право. Никој не сака да уплати програма, да ја отвори и да си рече: „Добро, а како јас ова да го вклопам со работа, деца и сè друго?“

Мислам дека многу значи кога имаш јасен план и кога чувствуваш дека не си сама во процесот. Тоа е и заедницата што сакам да ја градам со Peach Army. Место каде што можеш да кажеш „денес ми беше тешко“, без да ти биде срам, и да добиеш поддршка да продолжиш.

А за „телото од соништата“ секоја жена има своја слика. Некоја сака пак да го облече омилениот фустан, друга сака да се чувствува посилна, трета сака конечно да направи нешто само за себе.

Мојата задача од другата страна е: Како да направам план што лесно ќе се вклопи во нивното секојдневие, не треба да им претставува финансиски терет, а воедно и нема да гледаат на него како на уште една обврска во денот.

Низ годиниве научив многу и тоа благодарение на заедницата. Никогаш не ми било срам да прашам што е тоа што треба да го поправам за да им го олеснам патот и во 99% го подобрувам и доаѓам со уште 10 нови работи што никој не ги побарал. Сакам да ги изненадувам, сакам секоја година да се надоградувам и откако сум почната до денес, скоро цели 8 години немам прекинато ниту ден. Peach Army веќе со години важи за најголемата фитнес платформа за жени и тоа ми е доволен доказ дека нешто правиме како што треба.

Најнови вести