РЕПЕР: Уште во детството преку култните ТВ серии „Наше маало“ и „Големи и мали“ те запозна нашата публика. Ице и Конде го одбележаа детството на многумина. Какво влијание имаа овие ликови во градењето на овој Бојан што е денес?
БОЈАН ВЕЛЕВСКИ: Немав типично детство, како останатите мои врсници. Од единаесет години станував во шест часот секое лето, пет години по ред, на снимање во 06:45 и додека има сонце. Се враќавме обично накај 20:30 часот дома. Утредента, пак одново. Тоа темпо и дисциплина уште од рана возраст ме прават денес сериозен во пристапот кон се што работам. Без разлика дали е маркетинг, дали е помал или поголем проект, дали е и еден обичен корпоративен настан. Навиките ми останаа и тоа денес е дел од мојот карактер и начин на живот.

РЕПЕР: Со стотици стенд ап настапи во Македонија и на Балканот, кој е твојот заклучок, колку е тешко да се насмее македонска публика ?
БОЈАН ВЕЛЕВСКИ: Оваа година правам петнаесет години кариера како комичар и можеби ова прашање е за помладите колеги или за оние кои допрва го пробиваат својот пат. Јас и публиката во Македонија имаме изградено однос, доверба и едни од други знаеме точно што да очекуваме. Доволно добро се познаваме, за кога ќе се сретнеме во сала веднаш имаме размена на топлина и позитивна енергија. Па, така и одамна не ми е тешко да ја насмеам македонската публика. Напротив… Уживаме од првата минута кога почнува настапот.

РЕПЕР: Ако можеш да се вратиш години наназад, дали одново би ја одбрал комедијата?
БОЈАН ВЕЛЕВСКИ: Комедијата ме одбра мене. Јас немам ништо со тоа. Верник сум, верувам во Бога и знам дека ова што го носам во мене не е само мое, не го бирав јас. Тоа ми е дадено! Мое е само да го негувам, да го развивам и да бидам искрен во пристапот кон хуморот. Ако пристапот ти е искрен, никогаш нема да бидеш „степ лајт“ комичар или артист. Не барам ништо набрзина да ми случи во ниеден процес на создавање. Без разлика дали е тоа нов текст, дали е нов серијал на видео содржина итн.
Денес сме во фаза кога имаме наплив на „степ лајт“, „турбо фолк“ артисти кои се бават со држење микрофон пред публика, без притоа соодветно да се едуцираат како ова се прави, како се стига до резултат и како се гради стенд ап кариера на долги стази. Очигледен е пристапот кој е потпрен на „ајде бе, сега е моментот да напраиме пари набрзина“, затоа што тоа се гледа од текстовите кои се изведуваат на сцена. Исполнети со полови органи, спални соби, секс пози и она што е најфрапантно – дрога. И тоа имаме неколку „десингерици комичари” кои дури и гордо или што би рекле по скопски „ПОНОСНО“ го прават тоа пред широк аудиториум на публика.
Некои од нив и во сериозна фаза од животот, со свои семејства, со деца. Што да кажам… Разочарувачки и фрапантно. Но, тоа е процес кој мора да го помине нашата сцена и верувам дека за две-три години ќе се искристализира сцената.

РЕПЕР: Настапуваш во Скопје и низ цела Македонија, кои се идните планови на Бојан? Активен си на социјалните платформи, дали можеби на ред е цел серијал од сите твои изведби?
БОЈАН ВЕЛЕВСКИ: Имам неколку специјали кои ми се снимени. Ништо од тоа не е објавено целосно на „Јутјуб“. Има зошто е тоа така. После турнејата планирам да отпочнам ново поглавје во стенд ап кариерата, откако тоа ќе почне да се реализира, ќе излезат еден по еден сите специјали кои ги имам снимено. Големи и возбудливи чекори преземаме со мојот тим во наредните три години. Градиме нешто што никој досега не го направил на стенд ап сцената во Македонија. Верувам дека ќе успееме.
Финалниот настан на Бојан Велевски е во Ресторан Парк – Ragusa Group.

Во продолжението поканата за еден од најголемите настани во Скопје.
Додека светот се прашува дали вештачката интелигенција ќе нè замени, кај нас прашањето е многу посериозно: дали Chat GPT ќе издржи со Македонците?
Народ што може да смисли флаер со „најдобрата понуда за Задушница е кај нас“, нема што да се плаши од вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција треба да се плаши од него. Реално!
„Chat GPT и Македонците“ е стенд-ап шоу за најмодерната технологија на планетата и за народ што сè уште верува дека секој проблем може да се реши со бајачка.
Најпаметниот систем на светот од една страна, а од друга страна — Македонецот со кладилницата, политиката, депресијата што можеби не е депресија, туку е од „урочено“ или „нагазено“… и народ што дури и кога бара помош, прво прашува: „Паркинг има ли таму?“
Маестрален текст на Бојан Велевски во соработка со Божидар Божиновски.
Финалето на големата турнеја е во Ресторан Парк – Ragusa Group. 17.11. 20ч.
Напомена:
Салата е организирана како театарско гледалиште и нема ресторанска услуга.