Во свет каде што класичната музика често се доживува како резервирана за потесен круг посветени слушатели, постојат уметници чија визија ги руши сите бариери. Tаа е виртуоз на виолина која преку својот магичен инструмент од 1813 година, изработен од мајсторот Јохан Баптист Швајцер, успева да пренесе длабока емоција. Нејзината посветеност кон музичката уметност не завршува на класичната сцена, туку храбро преминува во иновативни кросовер проекти. Како предводник на еден од најактивните камерни состави во земјава, таа и нејзиниот гудачки квартет се вистински пионери во приближувањето на класиката до пошироката публика. Како уметник кој постојано истражува и не се плаши од нови формати, таа со љубопитност го анализира дури и влијанието на вештачката интелигенција во современото творештво. Сепак, нејзиниот заклучок останува цврст и јасен – живата изведба и вистинскиот уметнички дух се незаменливи вредности кои засекогаш го наоѓаат патот до срцето на публиката. Во ова инспиративно интервју за РЕПЕР, со Пламенка Трајковска, зборуваме за љубовта кон нејзиниот инструмент, за моќта на ритамот и за неизмерната радост што ја носат новите музички приказни.
РЕПЕР: Што го прави посебен звукот на виолината од мајсторот Јохан Баптист Швајцер??
ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА: Морам да признаам дека звукот на мојата виолина беше љубов на прв поглед од денот кога за прв пат имав можност да музицирам на неа. Се дружам со мојата виолина од времето на моите средношколски денови и навистина посветувам внимание на нејзиното редовно одржување. За виолинистите поседување инспиративен инструмент е основата за севкупниот музички раст и развиј и навистина сум среќна што имам инструмент со пријатна емисија на звук преку кој можам да ги изразам моите најдлабоки емоции.
РЕПЕР: Како публиката дома и надвор од земјава реагира на вашата мисија да ја приближите класиката преку кросовер аранжмани?
ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА: Најчесто има верување дека класичната музика не за секого и дека може да биде восприемана од мал круг едуцирана публика. Сите овие години работиме интензивно на промената на ова верување преку јасно поставена мисија дека наша задача е да ја доближиме класичната музика до пошироката публика. Ние сме првиот гудачки квартет кој интерпретираше класична музика на отворени простори како плоштади и трговски центри. Ние сме и прв камерен состав кој во својата мисија постави уште една реченица – класична музика приемчива за сите и креиравме нови музички програми во кросовер базирани на класична музика и современи музички трендови со цел да ја доближиме класичната музика до младите. Така се создаде албумот ,,Апасионато”. Дополнително креиравме и детски концерти со цел да ја доближиме класичната музика до децата и денес зад себе имаме голем број на концерти за деца и можеби единствениот носач на звук кај нас со класична музика за деца со наслов ,,Карневал на животните” од Камиј Сен Санс во адаптација за виолина и пијано. Нашите настапи надвор секогаш се проследени со извонредно внимание и публиката умее да го оцени нашиот опус секогаш со топол аплауз.

РЕПЕР: Со проектот ,,Балканско патување“ презентиравте македонски и балкански мелодии преаражирани за гудачки состав. Каква е реакцијата на странската публика кога за првпат ќе го исполни просторот специфичниот балкански ритам?
ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА: ,,Балканското патување” претставува музичко истражувачки проект кој има за цел да посочи на заедничките музички елементи кај сите балкански народи. Тоа е предизвик за слушателите од една страна да бидат убедени дека композициите што ги изведуваме се автентично нивни но, во исто време имаме намера да го поставиме прашањето, дали и колку една мелодиска или ритмичка линија е автентична за одредената држава. Поставувајќи го на ваков начин музичкото ткиво добиваме препознавање, прифаќање и воодушевување од публиката дека ги изведуваме токму „нивните“ песни бидејќи ги изведуваме композициите без текст.
РЕПЕР: Дали сметате дека спојот на класичното со традиционалното го олеснува патот до срцата на публиката, без разлика на јазичните и културните бариери?
ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА: Класичната музика по својата историска димензија е прифатена како интернационална и таа претставува светско музичко наследство. Кога на тоа ќе се додаде македонската фолклорна музичка ризница се создава креација која може да добие вистинска интернационална вредност и да претставува музички продукт кој непосредно и полесно ќе најде пат до интернационалната публика. Токму затоа е важно секој професионален музичар кој се занимава со класична музика во својот опус да има осврт кон македонското фолклорно наследство со цел преку класичните изведби да го претстави македонскиот фолклор но и да даде осветлување на некои заборавени композиции.
РЕПЕР: Какви беа импресиите од неодамнешното музичкото патување „Трансформации” во Струмица?
ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА: Концертот ,,Трансформации” беше навистина голем предизвик. Го реализиравме по повод одбележувањето на 120 годишнината од раѓањето на Живко Фирфов – наш истакнат композитор, етномузиколог, педагог и музички деец. Самиот концерт претставуваше музичко патување низ времето и културата на Македонија инспириран од традиционалните песни собрани од Живко Фирфов.
За композициите беа напишани нови аранжмани во неокласичен стил за гудачки квартет а на концертот имаше и читање и презентација за животот и делото на Живко Фирфов. На концертот имавме мала но одбрана публика која си помина прекрасна музичка вечер, ние одлично се чуствувавме во прекрасниот амбиент во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ и добивме силен аплауз.

РЕПЕР: Кои нови формати и проекти се во вашата следна креативна фаза??
ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА: Навистина сум музичар кој не седи во место и постојано моите размисли се во насока во креирање на нови и свежи музички идеи. Постојано сум во тек со музичките трендови особено во класичната музика и како ново поле на експериментирање ја наоѓам употребата на вештачката интелигенција во новите музички текови. Има многу различни ставови за вештачката интелегенција и јас сакам изворно да дознаам што таа прави како можам да ја користам и во кои сегменти таа може да ја олесни или отежне креацијата. Доаѓам до заклучок дека интерпретацијата во живо никогаш нема да излезе од мода и дека вистинските музичари и виртуози уште поцврсто ќе најдат место на музичката сцена а вештачката интелигенција ќе помогне само во некои сегменти.
Наредниот период е резервиран за снимање на дел од новите композиции кои ги интерпретиравме на концертот ,,Трансформации” со цел да оставиме траен запис кој ќе остане за генерациите. Исто така во подготовки сме и за продолжување на концертите со ,,Балканското патување” низ регионот. Декември е резервиран за предновогодишните настапи а веќе на шести февруари ќе реализираме концерт за деца во малата сала на Македонската филхармонија.
РЕПЕР: Што е она што најмногу ве инспирира кога ги гледате најмладите како за првпат се вљубуваат во звукот на виолината?
ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА: Детските концерти се волшебни и ние секогаш многу се радуваме кога треба да ја претставиме класичната музика пред децата. Се потрудивме нашите концерти да бидат интерактивни забавни и навистина се радуваме кога на крајот на концертите децата ни приоѓаат се гушкаат и се поздравуваат со нас. На крајот на концертите имаме многу нови пријателчиња. Задоволни сме кога знаеме дека пред децата ја откриваме магијата наречена класична музика и веруваме дека после концертите тие долго раскажуваат за концертот или дека дури и ги поттикнуваме да пројават желба да изучуваат музика. Веруваме дека преку нашите концерти ќе овозможиме музичка едукација и дека децата ќе научат да ја вреднуваат вистинската музичка култура.