Цените на нафтата во понеделникот забележаа пад на меѓународните пазари, достигнувајќи околу 94 долари за барел. Падот следува по сигналите од американскиот претседател Доналд Трамп дека нови напади врз Иран се малку веројатни, како и поради знаците за послаба побарувачка.
Во Лондон, цената на барелот нафта „брент“ во попладневното тргување изнесуваше 94,34 долари, што е намалување за 3,98 долари во однос на затворањето на тргувањето минатата недела. На американскиот пазар, цената падна за 3,10 долари, на 87,73 долари за барел.
Вниманието на трговците на почетокот на неделата беше насочено кон новите сигнали од Вашингтон за можноста од нов бран напади врз Иран.
Трамп во неделата, во телефонски разговор за Си-Ен-Ен, изјави дека е многу малку веројатно да нареди нови напади врз Иран сè додека напредуваат преговорите за ставање крај на конфликтот.
„Зависи од тоа дали ќе потпишат многу цврст договор“, изјави Трамп.
Сепак, аналитичарот на „Саксо банк“, Оле Хансен, оцени дека падот на цените се должи пред сè на надежите дека САД и Иран ќе постигнат договор, а не на конкретни показатели за напредок во преговорите.
Дополнителен притисок врз цените создава и зголемената понуда на нафта од Блискиот Исток, посочуваат аналитичарите.
Според „Морган Стенли“, нафтата „брент“ од Северното Море, со рок на испорака до еден месец, сега е поевтина од нафтата со подолги рокови на испорака, што укажува на слабеење на физичкиот пазар.
Дел од аналитичарите сметаат дека светскиот пазар на нафта покажува знаци на враќање кон прекумерна понуда, додека високите цени ја ограничуваат побарувачката.
Експертите на „Џеј Пи Морган“ во извештајот објавен минатата недела проценија дека во октомври на глобалниот пазар бил забележан вишок од 1,4 милиони барели нафта дневно.
Во меѓувреме, пресметките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) покажаа дека цената на барел нафтена кошничка на земјите членки во петокот пораснала за 3,09 долари, достигнувајќи 93,91 долар.