ДЕНОТ КОГА БЕШЕ ЗАПРЕНА ВОЈНАТА: Со парафирањето на Дејтонскиот договор пред 31 година настапи мир во Босна и Херцеговина

Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, попознат како Дејтонски договор, беше парафиран на денешен ден пред 31 година во американската воена база Рајт-Патерсон.

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во
Со него биле усогласени и 12 анекси, со што била завршена војната во Босна и Херцеговина и бил воспоставен нејзиниот повоен уставно-правен поредок. Со овој документ, БиХ е уредена како државна заедница составена од два ентитета – Република Српска и Федерацијата БиХ, кои се потписници на сите анекси.

Овој датум во Република Српска се одбележува како празник и е неработен ден, додека во Федерацијата БиХ не е признаен како празник.

Драган Калиниќ, член на Асоцијацијата „Создавачи на Република Српска“, нагласува дека Србите останале единствените поборници за зачувување на дејтонските одредби во нивната изворна форма, пренесува Новости.рс.

„Од моментот кога со потписите на најголемите светски сили во декември 1995 година беше официјализиран во Париз, па сè до денес, Дејтонскиот договор, поради интервенционизмот на западните глобалисти и со сесрдна помош на босанските унитаристи, притисоците и уцените врз раководството на Република Српска, како и користењето на фамозните бонски овластувања, прерасна во својата спротивност“, изјави Калиниќ.

Тој посочува дека бројни негативни примери покажале оти многу потписници се откажуваат од Дејтонскиот договор и дека Србите во БиХ, колку и да звучи парадоксално, се единствените поборници за зачувување на неговите изворни одредби.

Според неговите зборови, тоа пред сè се однесува на враќањето на надлежностите што, како што тврди, насилно ѝ биле одземени на Република Српска во бројни области, како и на борбата против неуставното мешање во нејзиното право на имот.

Сепак, тој нагласува дека 21 ноември 1995 година го означил крајот на војната и почетокот на толку посакуваниот мир за сите народи во Босна и Херцеговина.

Основен закон за сите

Дејтонскиот мировен договор е основен закон за сите во БиХ, бидејќи со него се регулирани настанувањето, постоењето и опстанокот на Босна и Херцеговина, истакнува правникот Славко Митровиќ.

„Неговиот Анекс 4, како Устав на БиХ, е клучниот документ на договорот, практично единствениот за кој е предвидена трајност. Со Дејтонскиот устав на БиХ е создадена целосно поинаква уставно-правна структура на територијата на поранешната југословенска република Босна и Херцеговина.

Договорот донесе нов Устав со кој БиХ беше воспоставена како политичка заедница на два рамноправни ентитета и три конститутивни народи. Република Српска во основа доби меѓународно признание, а преку посебен договор ѝ беа овозможени специјални паралелни врски со Србија“, истакнува Митровиќ.

Одбраната на изворните надлежности на Република Српска и отпорот кон повоените притисоци врз нејзината положба остануваат клучни прашања за зачувување на дејтонската уставна рамка на БиХ, смета историчарот Предраг Лозо, раководител на Одделението за истражување на идентитетот и културата на сеќавањето при Центарот за општествено-политички истражувања.

Тој посочува дека Дејтонскиот договор има двојно историско значење за Република Српска.

„Првото се огледува во завршувањето на војната и воспоставувањето на мирот како посебна вредност, бидејќи војната носи страдања, загуби и многу други тешки последици за општеството и поединците.

Второто е меѓународното признавање на Република Српска како еден од двата ентитета во рамките на БиХ, но и како страна што го потпишала Дејтонскиот договор како меѓународен договор“, истакнува Лозо.

Најнови вести