Поранешната мис на Швајцарија и манекенка Беатрис Кеул го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за силување за време на инцидент во њујоршкиот хотел „Плаза“ во ноември 1993 година, според извештајот што демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го објавија во понеделникот.
Кеул и претходно, во октомври 2024 година, тврдеше дека Трамп за време на истиот инцидент ја допирал без нејзина согласност, но тогаш изјавила дека нападот не продолжил понатаму, пренесува „Телеграф“.
Во разговорите со вработените во демократскиот одбор, таа сега изнела тврдење дека Трамп ја силувал, наведувајќи дека ѝ го искинал фустанот и ѝ нанел повреди, како и дека потоа ѝ се заканил дека мора да молчи.
Според нејзиното сведочење, Кеул го запознала Трамп кога имала 24 години, на прес-конференција по повод натпревар за награда во хотелот „Плаза“, кој во тоа време бил во негова сопственост.
Таа навела дека Трамп ѝ ветил помош за добивање виза и запишување на универзитет во Њујорк, а дека по нивниот разговор ѝ пришол осудениот сексуален престапник Џефри Епстин и ја поканил на забава во резиденцијата на Трамп, Мар-а-Лаго.
Белата куќа ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги обид на демократите да го одвлечат вниманието од достигнувањата на администрацијата на Трамп.
Трамп претходно негираше какви било незаконски постапки поврзани со Епстин и тврдеше дека го прекинал пријателството со него многу пред да се појават сомнежите за неговите криминални активности.
Извештајот на демократите содржи и сведоштва на уште четири жени кои го обвиниле Трамп за силување или сексуален напад.
Во него се наведува и дека Трамп, Епстин и други лица наводно го користеле натпреварот во хотелот „Плаза“ за пронаоѓање ранливи млади жени и девојки.
Членот на одборот Џејми Раскин изјавил дека пет жени директно го обвиниле Трамп за силување или сексуален напад во друштво или присуство на Епстин, додека други навеле дека Епстин или неговата соработничка Гилејн Максвел се обиделе да ги предадат на Трамп.
Раскин, исто така, го обвини Министерството за правда на САД дека прикрива злосторства со цел да го заштити претседателот.
Белата куќа ги отфрли наводите од извештајот.