Илија Срдановиќ, носител на студентската листа која победи на предвремените парламентарни избори во Србија, изјави дека новата власт ќе го промени односот кон земјите од регионот во позитивна насока.
Одговарајќи на прашањето за неговиот став за геноцидот во Сребреница, Срдановиќ рече дека судовите веќе донеле одлуки за тоа прашање.
„Ние немаме легитимитет да ги менуваме. Но, не сме свртени кон минатото, туку кон иднината. Свесни сме за сè што се случило, но имаме обврски што мораме да ги исполнуваме во сопствената држава“, изјави Срдановиќ во интервју за сараевскиот портал „Кликс“.
Тој нагласи дека студентската листа и студентското движење испраќале пораки за добрососедство, мир и пријателство, како во Србија, така и надвор од нејзините граници.
Осврнувајќи се на претходната власт, Срдановиќ оцени дека Александар Вучиќ бил фактор на дестабилизација на регионот уште од раните деведесетти години.
„Свесен сум за сè што изјавуваше нашиот претходен претседател во деведесеттите години. Тоа се изјави што претставуваат срам за историјата на нашата земја и никој повеќе не смее да ги повтори“, рече тој.
Според Срдановиќ, изјавите на Вучиќ не смеат да им се припишуваат на граѓаните на Србија, а особено не на студентската листа. Тој додаде дека новата политичка гарнитура нема да поддржува ксенофобични пораки.
Зборувајќи за односите со Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, Срдановиќ истакна дека отворениот дијалог е единствениот начин за надминување на несогласувањата и напредок на регионот.
„Немам никакви отворени прашања со моите колеги од Босна и Херцеговина, Хрватска или Црна Гора. Сакам општество во кое ќе постои отворен дијалог и во кое ќе бидат надминати несогласувањата“, изјави тој.
Тој оцени дека историските прашања треба да ги разгледуваат стручни лица на соодветно научно ниво, во општество во кое се гарантирани слободата на дијалогот и размената на мислења.
Во однос на соработката со Република Српска и државата Босна и Херцеговина, Срдановиќ најави дека новата власт ќе настојува да изгради партнерски односи со двата ентитета. Како основа за соработката ги посочи владеењето на правото, еднаквоста и слободата на медиумите.
Тој додаде дека Србија ќе ги унапредува односите со Република Српска, но на цивилизиран начин, без да ги загрозува другите.
Одговарајќи на прашањето дали победата на студентската листа може да биде пример за идни политички промени во регионот, Срдановиќ оцени дека станува збор за единствен случај, не само во регионот, туку и во европската историја.
Според него, останува аналитичарите да проценат дали моделот од Србија може да се примени и во други земји, додека приоритет на новата власт ќе биде создавање поквалитетно општество.
Во врска со формирањето на новата Влада, Срдановиќ рече дека роковите зависат од Републичката изборна комисија и од објавувањето на конечните резултати од изборите.
„Од тој момент, всушност, почнува да тече рокот. Дотогаш имаме неофицијални изборни резултати, кои ќе бидат и официјални, само прашање е кога формално ќе бидат прогласени“, заклучи Срдановиќ.