Во Брисел в недела, на 15 ноември, започнува дводневниот Форум за проширување на Европската Унија под мотото „Поширока Европа – посилна Европа“, на кој европските лидери, претставници на земјите кандидатки и експерти ќе разговараат за иднината на Унијата, проширувањето и европската безбедност.
Форумот претставува важен собир на носителите на одлуки од Европската Унија и партнерските земји, како и на претставници на граѓанското општество и експерти за јавни политики.
Според најавата на Европската комисија, главната цел е да се отвори дискусија за идниот развој на Унијата, нејзиното членство и можностите за забрзување на процесот на проширување.
Посебно внимание ќе биде посветено на геополитичките предизвици, безбедноста на Европа и промените на меѓународната сцена, кои дополнително ја нагласуваат важноста на европската интеграција.
Форумот ќе започне во недела во 18 часот со концерт на Марко Хатлак, Капобанда и Младинскиот оркестар на Западен Балкан.
Официјалниот дел ќе се одржи во понеделник, кога на повеќе панел-дискусии ќе се разговара за проширувањето, безбедноста, ставовите на локалните самоуправи и граѓанското општество, новите пазари и неопходните реформи.
Домаќин на форумот, кој се организира по вторпат, е европската комесарка за проширување Марта Кос.
Меѓу најавените учесници се претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус Кубилиус и европскиот комесар за економија и продуктивност Валдис Домбровскис.
Форумот се одржува во период кога проширувањето повторно е во фокусот на европската политичка агенда, а земјите кандидатки очекуваат појасни насоки за идниот тек на евроинтеграциите.