форум посветен на проширувањето на еу

Марта Кос: Проширувањето на ЕУ е важно за иднината на Европа, Западен Балкан нуди бројни економски можности

  • 4 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, денеска изјави дека европските интеграции помогнале да се залечат раните од минатото низ целиот континент и да се унапреди помирувањето. Таа истакна дека проширувањето е многу повеќе од територијално проширување на Европската Унија и дека од него зависат безбедноста, просперитетот и способноста на Европа самостојно да одлучува за својата иднина, соопшти Европската комисија.

На почетокот на своето обраќање, Кос потсети дека на учесниците на форумот за проширување на ЕУ им поставила две клучни прашања-дали Европа може да си дозволи да не го доврши своето обединување и каква Европа сака да им остави на идните генерации.

Одговорите на овие прашања, како што наведе, ги понудиле говорниците кои потсетиле на храброста на претходните генерации европски лидери и на историските одлуки што го овозможиле најголемото проширување на Унијата.

Потсетувајќи на промените на европскиот континент пред три децении, Кос истакна дека европските лидери тогаш го препознале историскиот момент и ја насочиле Унијата кон големото проширување, со што значително ја промениле политичката и економската слика на Европа, се наведува во соопштението.

Таа го пренесе и прашањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за тоа каде би била Европа денес доколку земјите од Централна и Источна Европа останеле надвор од Унијата – дали би била поподготвена да се соочи со руската агресија, дали другите континенти би биле побезбедни и дали Европа би имала поголемо влијание во светот.

„Одговорот на сите овие прашања е не. Токму спротивното“, нагласи Кос, додавајќи дека она што важело пред неколку децении важи и денес.

Според неа, проширувањето носи бројни придобивки, меѓу кои се зајакнувањето на безбедноста, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и странското мешање, како и посилната заштита на европските вредности.

Таа особено го нагласи значењето на вклучувањето на Украина во Европската Унија, пренесувајќи ја пораката дека Европа без неа би била значително помалку безбедна, како и предупредувањето на молдавската претседателка Маја Санду дека на континентот не смеат да се оставаат „сиви зони“ што Русија би можела да ги искористи против европските интереси, се наведува во соопштението.

Кос оцени дека европските интеграции не придонесуваат само за политичката стабилност, туку и за економскиот развој, наведувајќи дека деловните лидери на форумот укажале на можностите што поголемиот единствен пазар би ги отворил за иновациите во Украина, но и за економиите на земјите од Западен Балкан.

„Западен Балкан нуди бројни можности доколку ги отстраниме границите и економските бариери, како што тоа го направивме во многу други делови на Европа“, порача европската комесарка.

Таа нагласи дека поголема Европска Унија значи и поголемо глобално влијание, особено во денешниот свет во кој државите и економиите сè посилно се натпреваруваат.

Повикувајќи се на пораката на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за значењето на големината за политичката моќ, Кос оцени дека поголемата Унија ќе има и поголем капацитет да ги застапува своите интереси на меѓународната сцена.

Таа потсети и на зборовите на претседателката на Европската комисија, која се осврнала на предупредувањето на чешкиот дисидент и поранешен претседател Вацлав Хавел дека другите ќе ја обликуваат иднината на европскиот континент доколку самите Европејци не го направат тоа, се наведува во соопштението.

„Не можеме да го промениме заедничкото минато, но можеме да избереме заедничка иднина. А таа иднина мора да биде европска – иднина без поделби, во која сите ќе се чувствуваат како дома“, рече Кос.

Таа додаде дека европските интеграции не подразбираат откажување од различностите, туку изградба на општество во кое разликите повеќе нема да бидат причина луѓето да живеат едни покрај други, наместо заедно.

Говорејќи за политичките предизвици на проширувањето во земјите членки, Кос призна дека оваа тема не е едноставна за дискусија во многу земји на ЕУ, но предупреди дека Европа дошла до момент во кој мора да донесе одлуки за идниот политички поредок на континентот.

„Проширувањето во таа смисла е многу повеќе од самото проширување. Тие одлуки ќе одредат дали Европа ќе може самата да ја обликува својата иднина или тоа ќе го прават други наместо нас“, предупреди таа, повикувајќи на нова храброст и визија.

Комесарката ги повика земјите членки, Европскиот парламент, организациите на граѓанското општество и деловната заедница да дадат поддршка на политиката на проширување, истакнувајќи дека Европската комисија и нејзиниот тим вложуваат големи напори за унапредување на тој процес.

Посебна порака им упати на младите, повикувајќи ги присутните помлади од 30 години да замислат каква Европа сакаат за три децении, се наведува во соопштението.

„Сакам кога за 30 години ќе се навратите на ова време, да видите дека сме изградиле Унија во која повеќе Европејци можат да живеат во слобода, во која сите европски деца можат да растат без страв од војна, во мир и просперитет, и во која ние, Европејците, можеме самостојно да одлучуваме за својата иднина“, порача Кос.

Таа истакна дека сака идните генерации да можат да кажат дека Европа одговорила на историскиот предизвик и го довршила своето обединување.

На крајот од обраќањето, ги повика учесниците на форумот да пронајдат најмалку пет причини поради кои ја сакаат Европа, нагласувајќи дека е важно европските граѓани самите да зборуваат за вредностите и достигнувањата на Унијата, наместо да им препуштат на другите да ја обликуваат сликата за неа, соопшти Европската комисија.

Најнови вести