„Работев во бункерот на Хитлер пред да побегнам од нацистите“ – неверојатната приказна на 101-годишниот Полјак.

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Чес Блек е еден од преживеаните сведоци на Втората светска војна, чија животна приказна е исполнета со трагедија, храброст и отпор во еден од најмрачните периоди во историјата на човештвото.

Денес, на 101-годишна возраст, тој живее во едно село во Оксфордшир, Велика Британија, но неговиот живот бил далеку од обичен.

Во 1939 година, кога сè уште бил тинејџер, германските војници го одвеле од неговиот дом во Варшава, во периодот кога нацистичка Германија и Советскиот Сојуз ја нападнале Полска.

„Не ги сакавме. Не ги сакавме ниту Русите, ниту Германците“, се присетува Блек во интервју за Би-Би-Си.

По окупацијата на Варшава, тој бил насилно разделен од своето семејство. Еден од неговите најболни спомени останува моментот кога заминал со камион, збогувајќи се со пријателите и со својата тетка, без да знае дека никогаш повеќе нема да ја види својата мајка.

Работел на изградбата на бункерот во кој починал Хитлер

Откако бил заробен од Германците, Блек бил принуден да работи за германската транспортна организација.

Во тој период учествувал и во почетните градежни работи на подземен објект во градината на старата Рајхсканцеларија во Берлин.

Тој објект подоцна ќе стане познат како Фирербункер – бункерот во кој Адолф Хитлер ги поминал последните месеци од својот живот и каде што на 30 април 1945 година извршил самоубиство, заедно со Ева Браун.

Блек раскажува дека таму поминал само еден ден, пренесувајќи градежни материјали и поставувајќи песок.

Во тоа време не бил свесен за значењето на местото на кое работел. Дури по завршувањето на војната, кога видел фотографии од бункерот во еден полски весник, сфатил на каков објект учествувал во изградбата.

Бегство од Германците и спас од италијанските партизани

Друго драматично поглавје од неговиот живот е поврзано со Италија, каде што се наоѓал под контрола на германските сили.

За време на едно патување со камион, возилото било нападнато со огнено оружје, а Блек го искористил хаосот за да побегне.

Неколку дена талкал без храна и вода, сè додека не го пронашла група италијански партизани кои се бореле против фашистичкиот режим.

Подоцна успеал да стигне до британските сили, кои му помогнале да ја напушти Италија.

„Слушавме артилериски оган, фронтот се приближуваше. Германците беа на едната страна, а британската тенковска дивизија на другата. Цел ден се бомбардираа меѓусебно, но ноќе сè запираше и тогаш тргнавме кон Британците“, се присетува тој.

По војната, Велика Британија станала неговиот нов дом

По пристигнувањето во Обединетото Кралство, Блек се приклучил на Вториот полски корпус и се борел заедно со британските сили.Меѓутоа, крајот на војната за него не значел и враќање дома.

Полска потпаднала под советско влијание и контрола, поради што враќањето во татковината повеќе не било прифатлива можност за многу полски војници кои се наоѓале во Британија.

„Полскиот војник се бореше со мислата дека ќе се врати дома, кај своето семејство. Одеднаш се најде без дом, без ништо. Англија беше нашата ветена земја“, вели Блек.

Размислувајќи за своите воени искуства, 101-годишниот ветеран истакнува дека војната го научила колку се важни солидарноста, другарството и меѓусебната поддршка.

„Кога си во битка, не мислиш на себе, туку на сите околу тебе“, вели тој.

Денес, кога голем дел од луѓето што ја преживеале Втората светска војна веќе не се меѓу живите, Чес Блек припаѓа на сè помалата генерација непосредни сведоци на историјата.

„Имав среќа, да. Сите мои пријатели и луѓето што ги познавав веќе ги нема. Многу е чудно. Како да започнувам нов живот“, заклучува тој.

Најнови вести