Смртта на две деца од мали сипаници во американските сојузни држави Висконсин и Њујорк укажува на враќањето на тешката и многу заразна болест во Соединетите Американски Држави, каде што во 2000 година беше прогласено дека болеста е искоренета благодарение на вакцинацијата, додека вирусот продолжува да се шири и во Франција, изјави денеска Жили Дина, раководителка на Националниот референтен центар за мали сипаници, заушки и рубеола.
Здравствените власти на Висконсин на 5 ноември соопштија дека од мали сипаници починало бебе, што претставува прв смртен случај од оваа болест во таа сојузна држава од 1990 година, пренесува телевизијата БФМ.
Неколку дена претходно, Њујорк пријави смрт на дете во рурална област во близина на границата со Канада.
Во соседната американска сојузна држава Пенсилванија, пет смртни случаи од почетокот на годината во амишките заедници со ниска стапка на вакцинација им се припишуваат на малите сипаници.
Американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) регистрирале речиси 5.000 случаи на мали сипаници во 2026 година, двојно повеќе отколку минатата година.
Експертите како главни причини ги наведуваат намалувањето на стапката на вакцинација и сè поголемата недоверба кон здравствените власти.
Опфатот со вакцинација кај децата што тргнуваат на училиште се намалил од 95,2 проценти во учебната 2019/2020 година на 92,4 проценти во учебната 2025/2026 година.
Во Франција во 2025 година биле регистрирани 1.176 сомнителни случаи, од кои 319 барале болничко лекување, а седум лица починале.
Од почетокот на оваа година до 30 септември биле регистрирани 114 случаи, при што 41 лице било хоспитализирано, без регистрирани смртни случаи.
Дина за телевизијата БФМ предупреди дека малите сипаници често погрешно се сметаат за безопасна детска болест, иако можат да предизвикаат тешки компликации, вклучувајќи воспаление на белите дробови и енцефалитис, а во одредени случаи и смрт.
Особено загрозени се бебињата и лицата со ослабен имунитет, од кои некои поради здравствената состојба не можат да примат вакцина.
Во Франција вакцинацијата против мали сипаници е задолжителна за сите деца родени од 1 јануари 2018 година.
Првата доза се препорачува на возраст од 12 месеци, а втората помеѓу 16. и 18. месец од животот.
Дина наведува дека за спречување на ширењето на вирусот неопходно е да се одржува опфат со вакцинација од најмалку 95 проценти со две дози, и тоа во сите региони и меѓу сите групи на населението.
Малите сипаници спаѓаат меѓу најзаразните познати заразни болести.
Едно заразено лице, во популација без имунитет, во просек може да зарази меѓу 12 и 18 луѓе.
Поради тоа, дури и помалите заедници со недоволна вакцинација можат да станат жаришта на епидемија.
Дина оценува дека искоренувањето на малите сипаници теоретски е можно, бидејќи вирусот нема животински резервоар, а постои многу ефикасна вакцина.
Сепак, глобалното искоренување го отежнуваат нееднаквиот пристап до вакцинација, вооружените конфликти, хуманитарните кризи и прекините на програмите за имунизација. Поради тоа, сè додека вирусот циркулира во кој било дел од светот, ќе постои ризик од негово повторно внесување во земјите каде што претходно бил потиснат.