Група од неколку десетици демонстранти, припадници на повеќе граѓански собранија, вечерва се собраа пред телевизијата Информер во Србија, по што влегоа во просториите на медиумската куќа и го прекинаа телевизискиот програм што се емитуваше во живо.
Според информациите на „Еуроњуз Србија“, демонстрантите упатувале закани кон главниот уредник Драган Ј. Вучиќевиќ и вработените. За време на инцидентот дошло до турканици и неред во редакцијата, а Вучиќевиќ и други новинари кои биле во студиото биле изнесени од просториите.
Меѓу присутните била и Дијана Хрка, мајка на младиот Милош Хрка, кој го загуби животот во Нови Сад на 1 ноември.
Дијана Хрка и собраните граѓани влегле во холот и работните простории на редакцијата, барајќи разговор со уредништвото. Тие навеле дека сакаат непосредно да го изразат своето несогласување со уредувачката политика на телевизијата и со начинот на кој во јавноста се третираат жртвите од несреќата и нивните семејства.
Вучиќевиќ, за време на емисијата „Колегиум“, изјавил дека демонстрантите претходно удирале по прозорците и вратите на телевизијата и се обидувале да влезат во објектот.
Тој повикал полицијата да интервенира, тврдејќи дека демонстрантите се обидуваат насилно да влезат во просториите, но, според неговите зборови, полицијата не реагирала.