ДЗР открил неправилности во работењето на Министерството за дигитална трансформација, оттаму велат проблемите се наследени

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Државниот завод за ревизија го објави Конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година.

Констатирано е дека вонредниот и редовниот попис на средствата не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти. Исто така материјалната и сметководствената евиденција на основните средства не била
усогласена со фактичката состојба и не бил спроведен делбен биланс со Министерството за јавна администрација.

Во исто време, констатирано е дека на дел од недвижниот имот не била извршена процена на вредноста, а за дел не било извршено запишувањето на правото на сопственост на недвижностите во катастарот на недвижности. Обврските кон добавувачите не биле евидентирани во периодот на нивното настанување. Имотот со кој располага Министерството не бил осигуран, а одделението за внатрешна ревизија не било кадровски екипирано и не биле извршени ревизии во 2024 година.

МИОА: Проблемите се наследени, се акумулирале со години

Министерството за дигитална трансформација објави дека ги разгледува наоди и препораките на Државниот завод за ревизија и нотира дека најголем дел од констатираните проблеми се наследени состојби од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), кои се акумулирале со години, а дел од нив повеќе од една деценија.

,,Новото Министерство за дигитална трансформација, формирано во 2024 година, наследи нецелосни евиденции, нерешени имотно-правни прашања, судски постапки и административни пропусти кои претходно не биле соодветно адресирани.
Особено е важно да се нагласи дека целосен и суштински попис на имотот не бил спроведуван во изминатите десет години, што довело до сериозни неусогласености меѓу фактичката состојба, сметководствената евиденција и расположливата документација. Наведените објекти со книговодствена вредност од еден денар се токму пример за ваквата наследена и неуредна евиденција, а не показател за нивната реална пазарна вредност”, стои во соопштението на Министерството за дигитална трансформација.

Министерството објави дека веќе презема активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот. Оттаму велат дека дел од забелешките се веќе надминати, додека за останатите се спроведуваат конкретни корективни мерки.

,,Министерството наследи и повеќе судски постапки кои произлегуваат од одлуки и обврски создадени во претходните години. Овие предмети се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел нивно законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет. Станува збор за правни и финансиски обврски кои не исчезнуваат со промената на раководството, туку мора одговорно да се решаваат”, објави
Министерство за дигитална трансформација.

Во однос на наодите за јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, Министерството веќе дало одговор на ДЗР дека станува збор за исплата на набавки на други институции, каде што министерството е корисник.

Најнови вести