Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски упати остра порака до официјална Софија во врска со третманот на лицата кои избегале од македонското правосудство.За случајот со Ива Михајлова, нагласи дека и државите членки на Европската Унија мора да ги почитуваат врвните европски стандарди за владеење на правото.
„Како земја кандидат за членство во ЕУ, очекуваме и членките да ги почитуваат највисоките стандарди во врска со владеење на правото, објави 4news.mk Навистина е непристојно една земја членка на ЕУ да станува прибежиште за тие што или се осудени за кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамки на судовите во државата“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека ќе биде внимателен во јавните изјави, повикувајќи се на ставот на претседателот на Владата Мицкоски, и истакна дека Македонија нема интерес да стане дел од „естрадата“ поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори што се во тек во таа држава.
Муцунски порача дека Македонија не ги запира интензивните дипломатски напори за деблокада на евроинтегративниот процес и дека билатералниот дијалог со Бугарија продолжува, но исклучиво во координација и активна комуникација со сите земји членки на Европската Унија.
Тој наведе дека изминатите денови остварил важни средби на највисоко ниво, меѓу кои и со францускиот министер за европски прашања во Црна Гора, каде што директно ги презентирал позициите на Македонија. Муцунски додаде дека и за време на денешната средба со словачкиот колега Јурај Бланар, темата на деблокадата била меѓу главните, имајќи предвид дека сите одлуки поврзани со проширувањето и интеграцијата носат исклучителна тежина и бараат целосен консензус во Брисел.
„Дијалог има и ќе продолжиме да воспоставуваме дијалог. Тој е билатерален со Бугарија, но вклучува наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ. За сите одлуки поврзани со нашата интеграција е потребен консензус, што значи дека за било какво решение за кое работиме со Софија, неопходна е поддршка и консензус од сите земји членки на Унијата“, рече Муцунски.