Расте бројот на загинати откако вчера се судрија два брзи воза во Шпанија. Најмалку 74 лица загинале во големата несреќа покажуваат новите податоци што денеска ги објави Комисијата за истрага на железнички несреќи (ЦИАФ) при шпанското Министерство за транспорт, додека шпанскиот крал Фелипе Шести повика на итна превенција.
Во претходниот извештај на властите во автономната област Кастиља-Ла Манча, каде што се случи трагедијата, се наведуваше дека загинале 69 лица.
Шпанскиот монарх денеска побара да се преземат сите неопходни мерки за да се спречи повторување на слична железничка несреќа.
„Истрагата мора да утврди како и зошто се случила оваа несреќа. Исто така, ќе треба да се разгледаат мерките што треба да се преземат за таа да не се повтори“, изјави кралот Фелипе Шести по посетата на болницата во Толедо, каде што се лекуваат повредените.
Најверојатна причина за трагичната железничка несреќа во Шпанија е човечка грешка во контролниот центар. Според првичните резултати од истрагата, по дефект на безбедносниот систем, контролорот му дозволил на еден воз да тргне и покрај црвениот сигнал. Во судирот на два брзи воза на железничката линија Мадрид – Севиља, во покраината Толедо, бројот на загинати се искачи на 74. Повеќе од 100 се повредени, од кои 15 се во тешка состојба.
Во текот на целата ноќ на местото на несреќата се одвивала сложена спасувачка операција. Покрај пожарникарите и итната медицинска помош, на терен биле испратени околу 200 припадници на воената единица за итни интервенции, со тешка механизација. Пожарникарите ги сечеле згмечените вагони за да стигнат до заробените патници, а најтешко повредените со хеликоптери биле пренесувани во околните болници.