ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека се обидува да собира политички поени преку прашањата за студентите, посочувајќи дека во периодот на нивното владеење студентските домови биле запоставени и без соодветни инвестиции.
Од партијата, велат дека сега се преземаат конкретни чекори за реконструкција на студентските домови и подобрување на студентскиот стандард, а како пример ја посочуваат средбата на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, со претставници на студентските парламенти од сите универзитети во државата.
На средбата, како што наведуваат од партијата, се разговарало за проблемите и потребите на студентите, а бил разгледан и предлог за зголемување на студентскиот оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари.
Предлогот предвидува исплатата да се реализира преку дигиталната апликација М-услуги, со воведување на опцијата М-Студентски оброк. Дополнително, студентите би добиле попусти од 20 до 25 проценти во ресторани, маркети и други угостителски објекти.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги посочуваат и инвестициите во студентското сместување. Според партијата, студентскиот дом „Стив Наумов“ е пуштен во употреба со капацитет за 1.150 студенти, додека до крајот на годината се очекува да биде ставен во функција и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, кој е во фаза на реконструкција.
Во објавата се наведува и дека се гради кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, како дел од активностите за подобрување на условите за студирање.
Од партијата тврдат дека студентскиот стандард во 2026 година е двојно подобрен во споредба со 2022 година, оценувајќи дека актуелната Влада презема конкретни мерки за разлика од претходната власт, која, според нив, не ги реализирала ветувањата за изградба на студентски градови.
ВМРО-ДПМНЕ порачува дека студентите очекуваат конкретни резултати, инвестиции и подобри услови, а не политички препукувања.