Што се случува кога хаосот на современиот свет ќе се преточи во исконска уметност? За младиот македонски уметник Никола Тренов, одговорот се крие во платното – огледало на неговата потсвест и дебитантска изложба насловена „Примитивна хармонија: Есенција на постоењето“. Преку разговорите за уметноста, инспирацијата и посакуваниот печат што сака да го остави кај публиката, Тренов не води низ светот на емоциите кои не тераат да размислуваме и долго по изложбата…

РЕПЕР: Од какво значење за тебе е оваа прва самостојна изложба во МКЦ, колку труд беше потребен?
Никола Тренов: Мислам дека првата самостојна изложба за секој уметник е настан кој секогаш ќе се памети и ќе биде драг спомен од животот. Дефинитивно е од големо значење за мене, бидејќи оваа изложба е појдовна точка кон мојот професионален уметнички пат и остварување на една цел. На истата работев околу една и пол година.

РЕПЕР: Насловот на изложбата – „Примитивна хармонија: Есенција на постоењето. “Каков момент или состојба се крие зад насловот?
Никола Тренов: Секојдневни моменти, оттргнати од наметнувањата на современите животни проблеми. Насловот на изложбата не асоцира на тоа да се навратиме на нешто примитивно во смисла неразвиено, туку напротив на нешто исконско – чувствата и човековата блискост. Бидејќи какви и да се случувањата околу нас, самото присуство на овие феномени даваат смисла за нашето постоење.

РЕПЕР: Твојот стил е фигуративен експресионизам – колку од овие платна се всушност твој сопствен автопортрет?
Никола Тренов: Изложбата е автопортрет на мојата потсвест. Низ годиниве, се што имам забележано и ми претставувало интерес, таа тоа го впила, и оставила трага на платната кои сведочат за мојата креативна мисла. На повеќето од платната видливи се влијанија од автори кои ги фаворизирам, но сепак тоа е преточено во сопствен ракопис.

РЕПЕР: Дали за уметникот, хаосот е нешто што треба да се контролира на платното или е потребен за уметноста да остане жива?
Никола Тренов: Уметноста постои заради хаосот. На ова прашање би одговорил со еден цитат од Тарковски: “Уметноста постои, бидејќи светот не е совршен.” Не верувам дека нешто би смениле во тој хаос, но може да се случи да поттикнеме одредени групи на луѓе, да родат една поинаква мисла за нештата.
РЕПЕР: Наместо одговори, ти поставуваш прашања – со каква емоција или мисла сакаше луѓето да си заминат од изложбата?
Никола Тренов: Пред се сакам да уживаат и убаво да си поминат вечерта, и да се пронајдат во некое од нив. И секако, би бил најсреќен кога и после некој ден ќе се сетат на некоја слика што им оставила силен впечаток, бидејќи такво нешто укажува на тоа дека сум ги натерал да размислуваат.

