Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Турција, со цел да разговараат за можностите за постигнување мир. Ова го соопшти „Киев Индепендент“, повикувајќи се на интервју на Зеленски за Си-Ен-Ен Тюрк.
Зеленски оцени дека директната средба меѓу двајцата претседатели е од суштинско значење, посочувајќи ја Турција како практичен и реален посредник во идните преговори меѓу Москва и Киев.
Изјавата доаѓа пред најавените технички разговори меѓу Украина, Русија и САД, кои треба да се одржат подоцна во ноември во Абу Даби.
Киев се надева дека овие разговори ќе го отворат патот за средба на највисоко ниво, потенцијално со учество и на американскиот претседател Доналд Трамп. Украинската страна смета дека ваквиот формат би можел да биде клучен за решавање на територијалните прашања.
Кремљ досега избегнуваше директна средба меѓу Зеленски и Путин, предлагајќи наместо тоа телефонски разговор.
На 31 октомври Зеленски се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул. На средбата биле разгледани билатералните односи и безбедносната состојба во Црното Море.
Турција одржува внимателен баланс во односите со двете земји, задржувајќи ги економските врски со Русија, но истовремено обезбедувајќи оружје за Украина.
Анкара имаше централна улога во воспоставувањето на Црноморската иницијатива за извоз на жито во 2022 година, која овозможи безбеден поморски транспорт на украинските земјоделски производи. Москва се повлече од договорот една година подоцна. Турција беше домаќин и на три рунди мировни преговори меѓу украински и руски делегации во 2025 година.
Во интервјуто Зеленски посочи дека претстојните технички разговори ќе бидат фокусирани на можноста за делумно примирје во енергетскиот сектор и на море, како и на размена на заробеници.
Според него, евентуалната средба меѓу лидерите треба да ги отвори прашањата за целосно прекинување на огнот и обезбедување безбедносни гаранции за Украина.
Зеленски ја отфрли можноста Украина официјално да ги признае окупираните територии како дел од Русија. Тој нагласи дека првиот чекор кон продолжување на преговорите треба да биде прекин на огнот долж актуелната линија на фронтот.