Малите сипаници се шират. Уште еден случај на морбили, петти по ред, е регистриран во државата – објави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Дете од година и пол е нов случај на заболен од морбили. Првичните информации укажуваат дека има и епидемиолошка поврзаност меѓу претходните три случаи и бебето од Косово. Имале контакт во болница.
Со бебето од една и пол година, морбили се потврдени кај вкупно три бебиња и еден маж на возраст од 45 години, кој е македонски државјани, и кај еден државјанин на Косово.
Здравствените власти апелираат родителите навреме да ги вакцинираат децата. Речиси 15 илјади бебиња кои не подлежат на вакцинација со МРП се под ризик да заболат од морбили.
При првите симптоми на морбили – зголемена температура и осип, да се контактира матичниот лекар, да не се оди во чекалните на ординациите, така ќе се избегне ширење на заразата, бидејќи вирусот во воздухот опстојува два часа.
Епидемија на морбили веќе прогласија соседна Бугарија и Косово.