Меѓународна криминална мрежа која организирала инвестициски измами преку лажни онлајн платформи е разбиена во координирана акција на полициските и правосудните органи од повеќе држави, со поддршка на Европол и Европравда. Во акцијата се уапсени седум лица, а запленети се повеќе од 100 сервери кои биле користени за криминалните активности.
Според соопштението на Европравда, истрагата открила дека мрежата користела навидум легитимни интернет-платформи за тргување со криптовалути, странски валути и акции, преку кои ги привлекувала жртвите со ветувања за огромна заработка во краток рок. Проценетата финансиска штета надминува четири милиони евра.
Измамниците најпрво барале од жртвите да вложат помали суми, по што на платформите им прикажувале лажно зголемени профити за да создадат впечаток дека инвестициите се успешни. Потоа, наводните брокери вршеле психолошки притисок врз клиентите да вложуваат уште поголеми суми. Кога жртвите се обидувале да ги повлечат парите, добивале различни изговори и одложувања, а на крајот измамниците исчезнувале со нивните средства.
Истрагата започнала во 2022 година, откако германски брачен пар пријавил дека не може да ги повлече парите што ги вложил преку една од платформите. По повеќе од четири години истрага, биле спроведени неколку меѓународни акции, при што биле уапсени и други осомничени и биле собрани докази за пошироката мрежа.
Анализата на доказите открила компанија со седиште во Кипар и Израел, која наводно обезбедувала криминални услуги за други групи, вклучително и лажни интернет-страници за спроведување онлајн измами. Исто така, биле идентификувани нејзини клиенти во Албанија, Косово и Северна Македонија, за кои постојат сомневања дека управувале со измамнички телефонски центри.
Во најновата акција биле претресени 17 локации, меѓу кои и еден телефонски центар во Косово. Запленети се повеќе од 100 сервери, како и други докази и имот, а седум осомничени се уапсени заради нивно предавање или екстрадиција во Германија.
Во операцијата учествувале и надлежни институции од Северна Македонија, меѓу кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност – Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал.
Од Европравда посочуваат дека меѓународната соработка била клучна за разоткривање на мрежата, а Европол обезбедил аналитичка и техничка поддршка за истрагата и координацијата на акцијата.
Седуммина уапсени во рамки на меѓународна истрага против криминална мрежа за инвестициски измами