Брисел ја зголеми прогнозата за растот во 2026 година на 1,4 проценти, но предупредува дека високите цени на енергијата ќе продолжат да ги оптоваруваат домаќинствата и компаниите.
Европската комисија денеска објави дека економијата на ЕУ треба да порасне за 1,4 проценти во 2026 година, наспроти 1,1 процент колку што беше предвидено во мај.
За еврозоната се очекува раст од 1,2 проценти годинава, исто колку и во 2027 година. Сепак, инфлацијата останува сериозен предизвик. Европската комисија очекува просечната инфлација во ЕУ да достигне 3,3 проценти во 2026 година и 3,2 проценти во 2027 година.
Меѓу главните причини се високите цени на енергијата, поврзани со војната во Иран. Дополнителен притисок доаѓа од растот на цените на храната. Комисијата очекува инфлацијата кај храната да се зголеми над два процента годинава на околу три проценти во 2027 година. Како причини се наведуваат топлотниот бран и сушата што ги погодија земјоделските приноси, како и повисоките цени на ѓубривата.
Буџетскиот дефицит на ЕУ се очекува да порасне од 3,1 процент од БДП изминатата година на 3,6 проценти годинава, под влијание на зголемените трошоци за одбрана, каматните расходи и мерките за помош на домаќинствата и компаниите погодени од високите цени на енергијата.