евроинтеграции

Извештај на Европска комисија: Без уставни измени, нема следен чекор во преговорите со ЕУ

  • 4 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Европската комисија во најновиот извештај за Северна Македонија констатира дека земјата нема напредок во исполнувањето на клучниот политички услов за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија – усвојувањето на уставните измени.

Иако техничките подготовки за членство продолжуваат, во клучните области како борбата против корупцијата, слободата на изразување и владеењето на правото, напредокот е ограничен или целосно отсуствува.

Во извештајот се наведува дека не бил направен обид за усвојување на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година. Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на прес-конференцијата по претставувањето на извештаите за земјите кандидати, оцени дека Северна Македонија и натаму ја „држи рачната кочница“ за почетокот на пристапните преговори.

Од друга страна, Комисијата бележи одреден напредок во техничките подготовки. Усвоен е патоказот за реформа на јавната администрација, продолжена е работата на патоказот за владеење на правото и акцискиот план за правата на припадниците на заедниците, а во подготовка е и патоказот за функционирањето на демократските институции.

Корупцијата и медиумските слободи без напредок

Една од најкритичните забелешки во извештајот се однесува на борбата против корупцијата, каде што Европската комисија не регистрира напредок. Корупцијата останува широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост.

Како особено проблематични се издвојуваат измените на Кривичниот законик, долгото траење на судските постапки за висока корупција и честото застарување на предметите, што дополнително ја засилува перцепцијата за неказнивост.

Од властите се бара поефикасни истраги, обвиненија и правосилни пресуди, како и подобри резултати во конфискацијата на нелегално стекнатиот имот.

Одреден напредок е забележан во судството, вклучително и преку усвојувањето нови закони за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Сепак, Комисијата предупредува дека независноста и финансиската автономија на судството и обвинителството и натаму се загрозени од политички влијанија и недостиг од човечки и финансиски ресурси.

Негативна е и оценката за слободата на изразување. Според извештајот, земјата останува на одредено до умерено ниво на подготвеност, без забележан напредок во изминатата година.

Комисијата укажува на ограничената финансиска и административна независност на медиумскиот регулатор и јавниот радиодифузен сервис.

Се бара поголема транспарентност во сопственоста на медиумите и распределбата на јавните средства за државно рекламирање, како и поефикасна заштита на новинарите од закани и насилство.

Слабости во институциите и јавната администрација

Значителни слабости се нотирани и во функционирањето на демократските институции. Изборното законодавство сè уште не е усогласено со голем број препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, а недоволно се адресирани изборните дезинформации и странското информациско влијание.

Парламентот, според оценката на ЕК, само делумно ефикасно ги извршува своите функции. Политичкиот консензус за законите за кои е потребно квалификувано мнозинство останува тешко достижен, додека повторно е зголемена употребата на скратени законодавни постапки.

Во реформата на јавната администрација е забележан одреден напредок, особено во проширувањето на електронските услуги и дигитализацијата. Сепак, остануваат проблемите со вработувањето, управувањето и професионализацијата на администрацијата, а особено се издвојуваат недостатоците во правилата за избор и разрешување на високите раководители.

Комисијата оценува дека граѓанското општество генерално функционира во поволна средина, но организациите се соочуваат со ограничено и несигурно финансирање. Забележани се и случаи на заплашување, онлајн-вознемирување и кампањи за дискредитација на активисти и бранители на човековите права.

Економијата расте, но структурните проблеми остануваат

Во однос на економијата, Северна Македонија има добро ниво на подготвеност за функционирање на пазарната економија, но постигнала само ограничен напредок. Растот на БДП се забрзал, а банкарскиот сектор останал стабилен.

Сепак, Европската комисија предупредува на слабости во управувањето со јавните инвестиции, голема неформална економија, иселување на квалификуваната работна сила, недостиг од соодветни вештини и значителен родов јаз на пазарот на трудот.

Подобри резултати се нотирани во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и во надворешната и безбедносната политика.

Северна Македонија и натаму е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со европските позиции и рестриктивните мерки поврзани со руската агресија врз Украина.

Извештајот на Европската комисија повторно укажува на разликата меѓу техничките подготовки и политичката реалност на евроинтегративниот процес.

Додека земјата продолжува со одредени реформи, недостигот од напредок во борбата против корупцијата, медиумските слободи и владеењето на правото останува сериозен проблем, а без уставните измени нема отворање на следната фаза од пристапните преговори.

Најнови вести