Собранието денеска ќе ги продолжи седниците 121 и 125, а ќе ја започне и 126. седница, на чиј дневен ред се повеќе законски решенија, национални програми и одлуки од областа на државната ревизија, безбедноста и институционалното функционирање. Пратениците денеска ќе треба да одлучуваат и за продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјава.
За РЕПЕР пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски открива дека мнозинството во Парламентот ќе даде зелено светло за продолжување на кризната состојба во наредните неколку месеци се со цел да и се овозможи на Влада да носи одлуки согласно новите случувања.
„Денеска во Сообранието се одржуваат три пленарни седници на кои што очекуваме мнозинството да даде поддршка за неколку закони. Една од тие одлуки е и секако продолжувањето на кризната состојбата за уште неколку месеци којашто ќе и даде можност на Владата да носи одлуки согласно новите случување и сметаме дека тоа е важно бидејќи треба да ја следиме кризата на Блискиот исток.
Стојаноски ги потенцираше и одлуките кои ќе бидат клучни за Законот за државна ревизија кое што е во трето читање и кое треба да ја унапреди Државната ревизија, како и законите за административните службеници.
„Еден од важни закони за кој сметам дека пленумот треба да даде поддршка и ќе расправа по истите се законите за административните службеници кои што поради усогласувањето со Законот за високо раководни служби се прави одредена рееформа во јавната администрација која што треба да гарантира едно поорганизирано делување на истата. Секако тука би ја нагласил и Комисијата за финансирање и буџет која што треба да даде согласност за второто читање на Законот за јавни набавки, со којшто прво се зголемуваат сумите за којшто ќе може одредени набавки да се вршат што ќе значи многу поефикасно извршување на тие работи и понатаму и внесувањето на дигитализацијата во јавните набавки нешто што сметам дека е многу клучно“, вели Бојан Стојаноски.
Меѓу останатите точки се и Дополнетиот предлог-закон за државната ревизија во трето читање, одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и предлог-законот за ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа.
На дневен ред се и избор на надворешен член на Комисијата за хартии од вредност и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“.