Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, денеска ја закажа конститутивната седница на парламентот за вторник, 17 ноември, со почеток во 10 часот.
Брнабиќ, на прес-конференција во Домот на Народното собрание, потсети дека Републичката изборна комисија на 5 ноември го усвоила конечниот извештај за резултатите од изборите за народни пратеници, а на 6 ноември и решението за доделување на мандатите, како и извештајот за спроведените избори, кој бил доставен до Народното собрание.
„Со тоа се исполнети сите услови за свикување на првата седница на новиот парламентарен состав“, изјави Брнабиќ.
Како што додаде, за седницата е утврден дневен ред со шест точки – потврдување на мандатите на народните пратеници, избор на претседател и потпретседатели на Народното собрание, именување генерален секретар, избор на членови на собраниските работни тела и на постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.
На социјалните мрежи намерно се пласираат монструозни лаги
Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека на социјалните мрежи намерно се пласираат, како што рече, монструозни лаги кои тешко можат да се демантираат и побијат. Таа оцени дека тоа покажува во каква состојба моментално се наоѓа демократијата во Србија и колку е загрозена вистината.
Брнабиќ ова го изјави реагирајќи на објавите на социјалните мрежи во кои новинарката на „Информер“, Катарина Одаловиќ, се поврзува со Дарко Шариќ, наведувајќи дека станува збор за „подметнување кое служи за натамошна дестабилизација на државата“.
„Тие лаги служат за луѓето да се стават на мета. На овој начин се прави обид да се укаже и на поврзаност меѓу Александар Вучиќ и организираните криминални групи“, рече таа.
Брнабиќ ги повика сите да престанат со ставањето луѓе на мета и предупреди дека таквите објави не ги загрозуваат само новинарите, туку и членовите на нивните семејства.