Трка со времето во Непал по катастрофалните поплави долж границата со Тибет. Расте црниот биланс. Над две илјади луѓе и натаму се водат за исчезнати. Критичниот 72-часовен рок истекува.
Спасувачите трагаат по преживеани, но новите врнежи дополнително ја отежнуваат операцијата. Непогодата уништи и отсече цели села во Непал. Здравствените власти велат дека на жителите очајно им е потребна помош.
Обединетите Нации проценуваат дека најмалку 93.000 луѓе се погодени, додека второто новоформирано езеро и најавените врнежи викендов го зголемуваат ризикот од нови поплави и ширење заразни болести. Експертите предупредуваат, климатските промени сè повеќе го зголемуваат ризикот од природни непогоди. Додека опасноста од нови поплави го демне регионот, властите се соочени со прашањето како брзо да се обноват домовите на илјадниците луѓе. Според првичните проценки на непалските власти штетата е огромна и би можела да чини до пет милијарди долари, или речиси 10 проценти од економијата на земјата.