репер интервју

Горан Шевченко за Дејвис купот: Подготвени сме за Јужна Африка, бараме решение за домашниот терен

  • 7 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

По пауза од цели 17 години, Македонија повторно има можност да биде домаќин на натпревар од Втората светска група во Дејвис купот. Сепак, пречекот на Јужна Африка во февруари носи сериозен организациски и инфраструктурен испит за Тениската федерација на Македонија. Во ова интервју, спортскиот директор и Дејвис Куп капитен, Горан Шевченко, открива колку сме подготвени за овој спортски спектакл, каква поддршка му е потребна на македонскиот тенис и каде се наоѓаат индивидуалните спортови на мапата на државното финансирање.

РЕПЕР: Што значи за македонскиот тенис враќањето во Втората светска група на Дејвис купот? Што беше клучно за успехот во Кишињев и победата против Црна Гора?

ГОРАН ШЕВЧЕНКО: Имајќи предвид дека во нашата 31-годишна историја на настапи во Дејвис купот ваков пласман сме оствариле само пет пати, од кои двапати во последните две години, станува збор за значаен успех за Тениската федерација на Македонија, но и за македонскиот спорт во целина.
Овој резултат е плод на континуираната работа, посветеноста и вложувањата на Федерацијата во изминатите седум години, под раководство на претседателот, г. Александар Ивановски. Во тој период, особено внимание посветивме на развојот на сите сегменти на македонскиот тенис, меѓу кои организацијата на меѓународни професионални турнири, создавањето можности за одржување бројни меѓународни јуниорски турнири, поддршката на клубовите и на најдобрите тенисери, како и активностите за развој и популаризација на тенисот кај најмладите низ целата држава. Секако, за успехот во Кишињев беше пресудна и посветеноста на репрезентативците. Во изминатите две години во националниот тим се изгради одлична атмосфера, меѓусебна доверба и силен тимски дух. Извонредните настапи на нашите најдобри тенисери, Калин Ивановски и Олег Приходко, имаа значаен придонес во остварувањето на овој резултат. Верувам дека овој успех треба да биде дополнителен поттик за понатамошни вложувања во македонскиот тенис и потврда дека со добра организација, јасна визија и континуирана работа можеме да остваруваме резултати на меѓународната сцена.

РЕПЕР: Македонската Дејвис куп репрезентација ја почнува новата сезона со натпревар на домашен терен против Јужна Африка. Дали тенисерите се подготвени и кои имиња ќе можеме да ги видиме на теренот?

ГОРАН ШЕВЧЕНКО: Овој натпревар има посебно значење за нас, бидејќи по период од 17 години повторно ќе имаме можност да настапиме на домашен терен во рамките на Втората светска група на Дејвис купот. Последниот ваков настап беше во 2010 година, кога во Велес ја пречекавме репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Нашите очекувања се дека за националниот тим ќе настапат Калин Ивановски и Олег Приходко, а се надеваме дека ќе ни се приклучат и други тенисери кои во изминатиот период ја претставувале Македонија. Конечниот состав ќе зависи од нивната моментална форма, здравствената состојба и расположливоста во периодот на одигрување на натпреварот. Нашата цел е репрезентацијата да биде максимално подготвена и да настапи во најсилниот можен состав. Домашниот терен, поддршката од публиката и добрата атмосфера можат да бидат значајна предност за нашиот тим. Се надеваме дека ќе успееме да ја израдуваме македонската јавност со позитивен резултат. Победа против Јужна Африка би била важен чекор кон остварување на нашата амбиција за пласман во Првата светска група.

РЕПЕР: Натпреварите од првото плејоф-коло се планирани за февруари. Македонија нема соодветен тениски терен за зимски услови, а евентуалната организација во постојните спортски сали мора да ги исполнува стандардите на ITF. Дали ќе успеете да ги обезбедите потребните услови во предвидениот рок?

ГОРАН ШЕВЧЕНКО: Обезбедувањето соодветни услови за игра во зимскиот период претставува значаен предизвик за македонскиот тенис. Во моментов немаме на располагање национална тениска сала што би овозможила организација на ваков тип меѓународни натпревари во текот на зимата. Во изминатиот период, како Федерација, преземавме иницијативи за обезбедување земјиште на кое би можел да се изгради национален тениски центар. Таков објект би имал големо значење за долгорочниот развој на тенисот, за подготовките на нашите репрезентативци и за организацијата на меѓународни натпревари и турнири во Македонија. Иако во разговорите со надлежните институции се обидовме да најдеме соодветно решение, досега не успеавме да ја реализираме оваа иницијатива. Кога станува збор за претстојниот натпревар, една од можностите е изнајмување спортска сала со соодветни димензии и нејзино приспособување за поставување тениски терен во согласност со стандардите на Меѓународната тениска федерација (World Tennis). За оваа намена би било потребно салата да биде достапна во период од околу осум дена, за тренинзите и официјалните натпревари.

Во наредниот период планираме да доставиме барање до Министерството за спорт за да ги разгледаме можностите за обезбедување соодветен простор. Според нашите процени, организацијата на ваков настан би чинела околу 70.000 до 80.000 евра, во зависност од условите и потребните технички приспособувања.
Наш приоритет е да најдеме решение што ќе овозможи натпреварот да се одигра во Македонија и нашата репрезентација да има можност да настапи пред домашната публика. За реализација на оваа цел ќе биде важна соработката со надлежните институции, бидејќи организацијата на меѓународен натпревар од ваков ранг бара соодветна инфраструктура, финансиски средства и навремена подготовка.
Доколку не успееме да ги обезбедиме потребните услови во предвидениот рок, ќе мора да разгледаме и алтернативни решенија, вклучително и можноста натпреварот да се одигра на неутрален терен. Се надеваме дека со заеднички напори ќе успееме да обезбедиме услови Македонија да биде домаќин на овој значаен спортски настан.

РЕПЕР: Сведоци сме дека земјите од регионот издвојуваат значителни средства за афирмација на тенисот. Дали има најава за поддршка од надлежното министерство, особено за тенисерите и тенисерките кои настапуваат на меѓународната сцена?

ГОРАН ШЕВЧЕНКО: Тениската федерација на Македонија на крајот од секоја година до Министерството за спорт доставува програма со детален буџет за следната година. Во неа се опфатени сите планирани активности и настани што се значајни за развојот на македонскиот тенис. Програмата вклучува активности за развој на професионалниот и јуниорскиот тенис, работа со најмладите категории, особено со деца до 10-годишна возраст, промоција на тенисот низ државата, поддршка на клубовите и на најдобрите тенисери, едукација на тренерите и судиите, организација на домашни и меѓународни турнири, како и настапи на националните селекции. Станува збор за широк спектар активности кои бараат континуирани финансиски вложувања и долгорочно планирање. Поддршката што моментално ја добиваме е важна за нашето функционирање, но сè уште не е доволна за целосна реализација на сите планирани програми и развојни цели. Во регионот постојат различни модели на поддршка на тенисот, од кои можеме да извлечеме корисни искуства и да ги приспособиме на нашите услови. Сметам дека со понатамошна соработка со Министерството за спорт и со воспоставување долгорочен модел на поддршка можеме да создадеме подобри услови за развој на тенисерите и тенисерките, кои со своите настапи ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена. Тениската федерација има воспоставена организациска структура, јасна визија и конкретна програма за развој. Верувам дека со посилна институционална и финансиска поддршка ќе можеме да реализираме поголем дел од планираните активности, да ги унапредиме условите за работа и да создадеме повеќе можности за младите тенисери да напредуваат и да остваруваат значајни спортски резултати.

РЕПЕР: Колку се вреднувани индивидуалните спортови во земјава? Како поранешен тенисер, тренер и сега селектор, дали сме на добар пат кон вистинска афирмација на македонскиот тенис?

ГОРАН ШЕВЧЕНКО: Сметам дека индивидуалните спортови имаат значителен потенцијал за развој во Македонија и дека постои простор за нивно поголемо вреднување и институционално препознавање. Еден од важните предуслови за тоа е воспоставувањето јасни, транспарентни и правични критериуми за распределба на финансиската поддршка, кои ќе ги земат предвид спецификите на секој спорт, начинот на организирање на натпреварувањата и остварените резултати. Во последните години се забележува значајна поддршка за одредени екипни спортови, а сметам дека е важно паралелно да се создаваат и подобри услови за индивидуалните спортови. Тие имаат свои специфики, особено во поглед на календарот на натпреварувања, трошоците за меѓународни настапи и начинот на кој се градат и вреднуваат спортските резултати. Затоа, верувам дека системот за поддршка треба да ги препознава овие разлики и да овозможува соодветни услови за развој на сите спортови. Кога станува збор за македонскиот тенис, сметам дека сме на добар пат кон негова поголема афирмација. Како Федерација, континуирано работиме на создавање подобри услови за тенисерите, организирање меѓународни натпреварувања, развој на младите категории и зголемување на присуството на тенисот низ целата држава. Секоја можност за промоција и унапредување на овој спорт ја гледаме како важен чекор кон остварување на нашите долгорочни цели.
Секако, за да ги постигнеме тие цели, потребна е соработка меѓу Федерацијата, клубовите, спортските работници, институциите и приватниот сектор. Особено е важно да се обезбедат предвидливи услови за финансирање и развој, со што ќе им се овозможи на младите тенисери да напредуваат, а на најдобрите да добијат поголема поддршка за своите меѓународни настапи.
Верувам дека со јасни критериуми, правична распределба на ресурсите и долгорочна стратегија за развој можеме да создадеме посилна спортска средина. Целта треба да биде секој спорт, во согласност со својот потенцијал и потреби, да добие можност за развој и остварување врвни резултати, а македонскиот тенис да продолжи да напредува и да ја претставува државата на меѓународната сцена.

Најнови вести