Девет региони во Грција се ставени под црвен степен на предупредување до 29 октомври поради влошување на временските услови и очекуваните обилни врнежи од дожд и силни бури, додека државните служби и силите за цивилна заштита се во состојба на зголемена подготвеност.
Одлуката ја донел Генералниот секретаријат за цивилна заштита, врз основа на предупредувањето на Националната метеоролошка служба и проценката на Комитетот за проценка на ризици, пренесува ЕРТ.
Предупредувањето ги опфаќа регионалните единици Евбеја, Фтиотида и Беотија во Централна Грција, Споради, Магнезија и Лариса во Тесалија, регионот Атика, Додеканеските Острови во Јужен Егеј и Северен Егеј.
За Атика и Северен Егеј, црвениот аларм е прогласен превентивно, земајќи ги предвид претходните врнежи.
Според проценките на Комитетот за проценка на ризици, денеска се очекуваат дождови и локални бури во источна и јужна Грција, особено на Евбеја, во Магнезија и на Северните Споради.
Ново влошување на временските услови се прогнозира за утре, со обилни врнежи и силни бури во источна Тесалија, Северните Споради, источниот дел на Централна Грција, особено во Фтиотида и Беотија, како и на Евбеја и Скирос.
За време на состанокот на Координативното тело за цивилна заштита во понеделникот, министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Евангелос Турнас, ја нагласил потребата од навремена подготовка на сите надлежни служби.
Активиран е оперативниот план на Противпожарната служба за справување со поплави и придружните појави, а противпожарните единици во загрозените подрачја се ставени во состојба на зголемена подготвеност.
Во состојба на готовност се и вооружените сили, полицијата, крајбрежната стража и другите надлежни служби, додека регионалните и општинските власти се повикани да ја проверат својата подготвеност за реагирање.