Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓоргиевски објави убава вест за средношколците. Сите кои ученици од прва година ќе добијат бесплатни униформи објави градскиот татко на социјалните мрежи.
Денес Ѓорѓиевски оваа новина ја најави при посетата на средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, каде што пристигнала првата пратка бесплатни униформи, кои се изработени од 100% памук.
Со ова тој најави дека почнува на реализацијата на мерката со која униформи ќе добијат сите ученици од прва година во средните училишта на Град Скопје.
„За мене, секое дете заслужува со крената глава да влезе во училницата. Да се чувствува прифатено, почитувано и еднакво. Ниту еден ученик не смее да чувствува помала вредност поради финансиските можности на своето семејство! Во училишните клупи треба да се истакнуваат знаењето, трудот и талентот. Таму се градат пријателства, се откриваат способности и се раѓаат големи соништа. Наша обврска е да создадеме услови тие соништа да растат! Токму затоа, со бесплатните униформи го олеснуваме товарот врз семејниот буџет и придонесуваме за намалување на видливите социјални разлики меѓу учениците. Правиме конкретен чекор кон училишна средина во која нема место за потсмевање, дискриминација и булинг поради облеката што некој ја носи“.
Додава дека оваа мерка е дел од посветеноста на политиките наменети на младите.
„Опремивме кабинети по информатика, обезбедивме дидактички материјали и помагала, интерактивна технологија, смарт табли, нови клупи и столчиња. Вложуваме во спортски терени и фитнес зони, во современи услови за учење и здрав развој. Продолжувам со истата решителност, затоа што зад секоја мерка стојат ученици со свои надежи и семејства што очекуваат поддршка.
Нивната доверба е обврска што се исполнува со дела! Влогот во младите е влог во иднината“, соопшти Ѓорѓиевски.