Британската влада објави дека ќе го дуплира времето на чекање на мигрантите пред да можат трајно да се населат во земјата, иако од промените ги ослободи клучните работници и оние со високи приходи.
Просечната плата во Велика Британија е околу 39.000 фунти годишно.
Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд изјави дека луѓето кои пристигнуваат во Велика Британија со работни визи ќе мора да чекаат една деценија за да добијат статус на постојан престој, што им носи право на работа, студирање, пристап до бесплатна здравствена заштита и барање бенефиции. Но сепак, повисокиот приход може да го забрза процесот.
Луѓето кои заработуваат најмалку 50.000 фунти годишно ќе мора да чекаат само пет години, како и вработените во јавниот сектор, вклучувајќи ги лекарите, медицинските сестри и наставниците. Мигрантите со плати над 125.000 фунти годишно можат да аплицираат за постојан престој по три години. Промените ќе бидат воведени во текот на 2027 година.
Оригиналниот план изминатата година предвидуваше дека пониско платените имигрантски работници, вклучувајќи ги и оние кои ги одржуваат британските домови за нега, ќе чекаат 15 години за трајно да се населат.
Имиграцијата е горливо политичко прашање во Велика Британија со децении и беше главен фактор во гласањето во 2016 година за напуштање на Европската Унија – БРЕГЗИТ. Пристигнувањето на десетици илјади баратели на азил преку Ламанш секоја година ја држи темата високо на политичката агенда.