и авиони на други компании

ХАОС НАД ЕВРОПСКОТО НЕБО: „Виз ер“ принудно слета поради дојави за бомби!

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Дојави за поставени експлозивни направи биле добиени утринава за неколку авиони на летови низ Европа, јави австриската новинска агенција АПА.

Меѓу погодените биле и летови со појдовна или крајна дестинација на италијанските аеродроми. Според италијанската новинска агенција АНСА, авион „Ербас А321“ на авиокомпанијата „Виз ер“ бил принуден привремено да слета на аеродромот во Виена. Авионот полетал од аеродромот Милано Малпенса, а крајна дестинација му била Варшава.

Според информациите од Финските авиолинии, закана за поставена бомба била упатена и за нивен авион што летал од Хелсинки кон Виена. Летот го реализирала авиокомпанијата „Џетајм“, а авионот слетал на аеродромот во Виена според планираниот распоред.

Финските авиолинии соопштија и дека била упатена закана за поставена бомба за нивниот лет од Хелсинки кон Рим, кој бил придружуван од борбени авиони на италијанските воздухопловни сили до крајната дестинација, аеродромот Фјумичино во Рим.

Четири авиони што летале кон Прага добиле закани за поставени бомби. Чешката полиција соопшти на социјалната мрежа Икс дека се подготвува за нивното слетување, додавајќи дека според нивните процени, мала е веројатноста заканите да бидат реални.

– Сепак, не ја потценуваме заканата, поради што се преземени сите неопходни безбедносни мерки, со истовремено сведување на минимум на влијанието врз патниците и работата на аеродромот, соопшти полицијата.

По слетувањето, сите авиони ќе бидат проверени од специјалисти за експлозивни направи, соопштија чешките власти.

Во Бугарија беше соопштено дека и три авиони биле принудени вонредно да слетаат. Првите два авиона летале од Мадрид и Копенхаген кон Софија, додека третиот, на авиокомпанијата „Рајанер“, сообраќал на линијата Лондон – Софија, но морал принудно да слета на аеродромот во Пловдив, пренесува БТА.

На францускиот воен аеродром во Евре, кој се наоѓа на околу 100 километри северозападно од Париз, слетал авион на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“, кој реализирал редовен лет од Даблин кон Рим, информираше кабинетот на францускиот премиер. Од авионот биле евакуирани вкупно 151 патник и шест членови на екипажот.

Најнови вести