Игли и ексери пронајдени во бонбоните поделени за Ноќта на вештерките во Германија, Австрија и Унгарија

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Полицијата во неколку европски земји истражува случаи во кои деца добиле бонбони со остри метални предмети за време на празнувањето на Ноќта на вештерките.

Во слатките производи што им биле поделени на децата за време на Ноќта на вештерките во Германија, Австрија и Унгарија биле пронајдени игли, ексери, шрафови и други остри метални предмети. Локалните власти ги предупредија родителите внимателно да ги проверуваат производите пред да им дозволат на децата да ги консумираат.

Според Би-Би-Си, полициските управи во неколку германски покраини пријавиле вакви случаи. Деветгодишно девојче во близина на Хамбург се повредило додека јадело чоколадо во кое била пронајдена игла долга пет сантиметри.

Во Унгарија, полицијата покренала истрага откако во градот Ѓемре, источно од Будимпешта, во различни бонбони и карамели биле пронајдени ексери, шрафови и парчиња жица. Едно девојче добило карамела во која имало ексер, но навреме го забележало и не го проголтало.

Слични инциденти биле регистрирани и во Австрија. Министерот за внатрешни работи Герхард Карнер ги осуди случаите, оценувајќи ги како „кукавички и злонамерни“, а во одредени случаи и опасни по живот.

Австриската полиција соопшти дека истраги се отворени во четири сојузни покраини. Во областа Амштетен, источно од Линц, 10-годишно девојче се здобило со полесни повреди откако загризало чоколадо во кое имало остар предмет.

Гувернерката на Долна Австрија, Јохана Микл-Лајтнер, порача дека сторителите мора да се соочат со целосната сила на законот.

„Нашите деца заслужуваат безгрижно детство и ќе продолжиме да се грижиме за тоа“, изјави таа.

Баварската полиција соопшти дека првичните податоци за оваа година укажуваат на зголемување на ваквите инциденти, при што биле регистрирани дури 25 случаи.

Најнови вести