Албанија воведува построги правила за протести, казните достигнуваат до 5.000 евра

  • 4 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Новите мерки предвидуваат проширени полициски овластувања, забрана за демонстрации и регистар на лица поврзани со протести, поради што студентските движења и организациите за човекови права реагираат и бараат оценка од Уставниот суд.

Правото на протест во Албанија предизвика сериозни реакции во јавноста откако владата усвои нови ограничувања за организирање јавни собири и демонстрации. Мерките предвидуваат казни до 5.000 евра, проширени овластувања на полицијата и формирање регистар на лица поврзани со протестите.

На 28 октомври владата усвои три нормативни акти со кои се заоструваат правилата за одржување демонстрации, во период кога се интензивираат студентските и граѓанските протести, вклучително и активностите на движењето „Розови фламинга“.

Со првиот акт се менува законодавството за јавни собири, при што полицијата добива можност да забрани или ограничи протести во времетраење од 72 часа, со можност за продолжување на мерката. Ова може да се примени во близина на државни институции, образовни и здравствени установи, доколку постои процена за сериозен и непосреден ризик од насилство или материјална штета.

Полицијата ќе може да воспоставува и таканаречени „заштитени зони“ околу чувствителни објекти, како железнички станици, аеродроми, болници и споменици, како и да отстранува лица од тие подрачја до 48 часа.

Казни до 5.000 евра и одговорност за организаторите

Новите правила предвидуваат значително повисоки финансиски казни за прекршувања за време на демонстрации. Во одредени случаи глобите може да достигнат 500.000 албански леки, односно приближно 5.000 евра. Санкции се предвидени и за учество на забранети протести и непочитување полициски наредби за растурање на собирите.

Вториот акт воведува финансиска одговорност на организаторите за штетите предизвикани за време на октомвриските демонстрации, дури и кога нема докази дека тие повикувале на насилство.

Третиот акт предвидува формирање електронски полициски регистар на лица за кои постојат пријави или се водат истраги за насилство поврзано со протести.

Критичарите предупредуваат дека ваквиот систем би можел да доведе до ограничувања при патување во странство, информирање на властите во земјите на дестинација, па дури и споделување податоци со приватни компании од туристичкиот сектор.

Новите правила веќе се применуваат. На почетокот на ноември полицијата во Тирана казнила 16 студенти со по 5.000 леки, односно околу 50 евра, под обвинение дека го блокирале сообраќајот на булеварот „Маченици на нацијата“, пред зградата на премиерот.

Уште 14 демонстранти биле приведени во полициска станица, додека за две малолетни лица била известена обвинителската служба.

Студентите поднесоа жалба до Уставниот суд

На 5 ноември претставници на движењата „Студенти во протест“ и „Студентска револуција“, со поддршка на четири граѓански организации, поднесоа жалби до Уставниот суд против трите владини акти.

Меѓу организациите што ја поддржуваат иницијативата се Центарот „Рес Публика“, Албанскиот хелсиншки комитет, Албанското орнитолошко друштво и „ЕкоАлбанија“.

Подносителите сметаат дека новите правила ги нарушуваат слободата на собирање и слободата на изразување, бидејќи ѝ даваат преголеми овластувања на полицијата и воведуваат непропорционално високи казни за учесниците на протестите.

Тие се противат и на колективната финансиска одговорност на организаторите, како и на воспоставувањето полициски регистар за лицата поврзани со демонстрациите.

„Овие акти имаат цел да го ограничат последниот демократски простор што ни остана – правото да протестираме, да се спротивставиме на неправдата и да го изразиме нашето мислење“, изјавиле студентите, пренесува албанскиот медиум „Лапси“.

Тие предупредуваат дека младите се соочуваат со држава која, наместо да овозможи простор за дебата и демократско учество, одговара со насилство и страв.

Стравувања од ограничување на граѓанските слободи

Граѓанските организации предупредуваат на сè поголемата нерамнотежа меѓу проширувањето на полициските овластувања и недостигот од механизми за спречување и санкционирање на евентуални злоупотреби.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што поднесувањето жалба против забраната за протест не го одложува нејзиното спроведување. Според критичарите, поради краткото времетраење на ограничувањата, судската постапка може да ја изгуби својата практична смисла.

Стравувањата се дека високите казни, полициските регистри и можните ограничувања на слободата на движење ќе ги обесхрабрат граѓаните, особено младите, да учествуваат во мирни демонстрации.

Албанскиот Устав и Европската конвенција за човекови права ја гарантираат слободата на собирање и демонстрирање. Секое ограничување на ова право мора да биде законски оправдано, неопходно и пропорционално.

Уставниот суд сега треба да оцени дали новите мерки се во согласност со овие принципи и каде е границата меѓу одржувањето на јавниот ред и заштитата на основните граѓански права.

Во меѓувреме, студентското движење најавува дека нема да се откаже од протестите. На состанокот одржан на 4 ноември, координативниот комитет одлучил демонстрациите да продолжат двапати неделно, секоја среда и сабота.

Следниот протест е закажан за сабота, 7 ноември, во 14 часот, пред Министерството за образование во Тирана. Организаторите најавуваат дека ќе продолжат со уличните демонстрации и покрај новите санкции и судските постапки.

Најнови вести