Претседателката Гордана Силјановска-Давкова учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, на кој присуствуваа околу 50 шефови на европски држави и влади.
На панел-дискусијата „Градење на конкурентна Европа – иновации, поврзаност и достапна енергија“, таа говореше за поврзаноста меѓу европската конкурентност, иновациите, енергетската безбедност и интеграцијата на Западен Балкан.
Силјановска-Давкова истакна дека конкурентноста на Европа денес не зависи само од капиталот, големината на пазарите и цената на работната сила, туку сè повеќе од способноста за поврзување на знаењето, технологијата, инфраструктурата, енергијата и човечкиот потенцијал.
Таа нагласи дека токму овие врски се клучни за развој на иновациите, зголемување на продуктивноста и обезбедување одржлив економски раст.
Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, претседателката порача дека Западен Балкан не е надвор од Европа, туку е дел од нејзината историја, инфраструктура и безбедносна архитектура.
Односите меѓу Европа и Западен Балкан ги опиша како „систем на поврзани садови“, нагласувајќи дека случувањата во еден дел неизбежно влијаат врз другиот.
Според неа, прашањето не е само како Западен Балкан подобро да се поврзе со Европа, туку и дали Европа може да си дозволи да остане недоволно поврзана со регион кој се наоѓа на пресекот на нејзините стратешки правци, енергетски коридори, пазари и човечки потенцијал.
Таа посочи дека европската сила произлегува од способноста различностите да се претворат во соработка, а соработката во заедничко дејствување.