Нов дефект на водоводот остави седум населби во Штип без вода. Дел од жителите веќе 40 часа се без вода, а новиот дефект го продолжува прекинот за дополнителни 24 часа. Засегнати се населбите Железничка, Пребег, Три Чешми, Ново Село, Исар, делови од Сењак и 8.Ноември.
Градоначалникот Иван Јорданов прогласи кризна состојба во погодените делови од градот. Ќе се дистрибуира флаширана вода за пиење и техничка вода преку цистерни и волонтери.
Градоначалникот Иван Јорданов соопшти дека ситуацијата претставува кризна состојба за делови од градот. Јорданов посочи дека има одредени работи кои не зависат од човечки фактор, туку, како што рече, она што се случува на дефектите на главната водоводна линија е поради тоа што е стара повеќе од 50 години.
,,Покрај тоа што променивме значителен број на водоводни линии на територија на општина Штип во изминатите пет години, голем процентуален број на главни водоводни линии се заменети, сепак оваа линија која што е под дефект е стара водоводна линија која непредвидливо нанесе повеќе од 40 часа прекин во водоснабдувањето на неколку населби.
Тоа кое што зависи од нас е да се организираме соодветно и сите делови на градот кои ќе останат без вода, тоа се населбата Три Чешми, населбата Пребег, населбата Ново Село, населбата Исар, делови од населба Сењак, 8 Ноември, да бидат покриени со техничка вода со цистерни”, истакна градоначалникот на Штип Јорданов.
Директорот на ЈП „Исар”, Александар Арсовски истакна дека за новиот дефект на главната водоводна линија имаат резервни делови и стручен кадар кој работи на отстранување на дефектот.