ЕУ го запира увозот на месо и живина од Бразил

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Европската Унија воведе забрана за увоз на одредени животински производи од Бразил, мерка која според проценките влијае врз бразилски извоз вреден околу 1,84 милијарди долари годишно. Најголем дел од погодениот извоз отпаѓа на говедското и пилешкото месо. Брисел ја донесе мерката по проценка дека Бразил не обезбедил доволно гаранции дека во производството на животни не се користат антимикробни супстанции кои се забранети во ЕУ. Унијата забранува употреба на супстанции кои можат да го стимулираат растот кај животните, а исто така не дозволува во сточарството да се користат одредени антимикробни средства кои се резервирани за хуманата медицина.

Европската страна засега не даде конкретен рок кога би можело да биде укинато ограничувањето. Иако Бразил ги засили разговорите со европските претставници, краткорочно решение засега не се очекува. Од Бразил, пак, тврдат дека нивната индустрија ги исполнува европските стандарди. Инспектори на Европската Унија во текот на оваа недела ги проверуваат системите за производство на живина и мед во Бразил, но Европската комисија предупреди дека нема веднаш да има одлука.

Бразилските производители се надеваат на побрзо решение за извозот на живина, бидејќи производствениот циклус кај кокошките е околу 42 дена. Тоа, според бразилските власти и индустријата, овозможува полесно да се докаже усогласеноста со европските правила. Кај говедското месо ситуацијата е посложена, бидејќи на животните обично им се потребни повеќе од две години за да стигнат до пазарот.

Меѓу најголемите европски купувачи на бразилско говедско се Италија, Холандија, Шпанија и Германија. За пилешкото месо, пак, особено значајни пазари се Холандија, Шпанија и Германија.

Бразил, како најголем светски извозник на говедско и пилешко месо, сега ќе мора да покаже дека системот на контрола и гаранции е доволно сигурен за европските регулатори.

Најнови вести