Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана вчера, донесе пресуда КВП КОК2-18/26, со која го уважи барањето на осудениот Стевчо Јакимовски од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот Виктор Цветковски, адвокат од Куманово, ги укина пресудата на Основен кривичен суд Скопје КОК-157/21 од 23.04.2025 година и пресудата на Апелационен суд Скопје КОКЖ-110/25 од 15.05.2026 година и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.
Поранешниот градоначалник на Карпош лани во април првостепено беше осуден на казна затвор од три години и шест месеци, за кривичните дела бесправно градење и злоупотреба на службената положба и овластување, за изградбата на административниот објект на Општина Карпош.
Тој на средината на јули доброволно се пријави во затвор за отслужување на казната, неколку пати поради влошување на здравствената состојба беше хоспитализиран.