Од будење со телефон во рака, до повеќечасовно седење пред компјутер на работа, сите поголемиот дел од денот го повинуваме гледајќи во екран,често несвесно сме наведнати нанапред, со спуштена глава и заоблени раменици.
Оваа навика е позната и како „технолошки врат“ термин кој се користи за болки и напрегање поврзани со долготрајното гледање надолу кон телефон, таблет или компјутер.
Кога главата долго време е наведната нанапред, мускулите на вратот и рамената се под дополнително оптоварување. Со текот на времето може да се појават болка, вкочанетост и затегнатост во вратот, болки во рамената и горниот дел од грбот, а кај некои луѓе и главоболки.
Не е проблем само телефонот
Иако најчесто се зборува за смартфоните, проблем може да биде и долгото седење пред компјутер, особено кога мониторот е поставен премногу ниско или кога со часови остануваме во иста положба.
Проблемот не е само во тоа „колку долго седиме“, туку и „како седиме“.
Кога работиме пред компјутер, екранот треба да биде поставен приближно во висина на очите, за да нема потреба постојано да ја наведнуваме главата. Рамената треба да бидат опуштени, а стапалата стабилно поставени на подот.
Телефонот – што повисоко
Една од наједноставните промени е да престанеме постојано да гледаме во телефонот поставен ниско во скутот.
Наместо главата да ја наведнуваме кон телефонот, можеме да го подигнеме телефонот поблиску до висината на очите. Така се намалува времето во кое вратот е во наведната положба.
Не останувајте во иста положба со часови
Дури и совршено поставено работно место не значи дека треба да седиме неподвижно цел ден.
На секои 30 до 60 минути корисно е да станеме, да прошетаме неколку минути и да ги раздвижиме вратот, рамената и грбот.
Малите паузи можат да направат голема разлика, особено ако работата бара повеќечасовно седење.
Кога болката не треба да се игнорира?
Повремена вкочанетост или затегнатост по долг ден пред компјутер не мора да значи сериозен проблем. Но, доколку болката е упорна, се влошува или е проследена со трнење, слабост или болка која се шири кон раката, потребно е да се побара медицински совет.
Нашите телефони и компјутери веројатно нема да исчезнат од секојдневието. Но, начинот на кој ги користиме можеме да го промениме.
Понекогаш најдобрата „вежба“ е едноставно да го оставиме телефонот, да станеме од столот и да се исправиме.