Мачките се познати по својата независност, но научните истражувања покажуваат дека меѓу нив и луѓето може да се развие посебна врска, поврзана и со хемиските процеси во мозокот. Еден од главните фактори е окситоцинот, познат како хормон на љубовта, кој има важна улога во чувството на доверба, приврзаност и поврзаност.
Истиот хормон се ослободува во различни ситуации на блискост, како кога родител го држи своето дете или кога блиски луѓе се прегрнуваат. Истражувањата сè повеќе укажуваат дека окситоцинот учествува и во создавањето врска меѓу мачките и нивните сопственици, пишува „Индипендент“.
Како мазењето влијае врз организмот?
Окситоцинот има важна улога во социјалното поврзување, довербата и регулирањето на стресот кај луѓето и животните. Тој може да придонесе за смирување на организмот, меѓу другото преку влијание врз кортизолот, хормон поврзан со стресот, и активноста на парасимпатичкиот нервен систем, кој му помага на телото да се одмори.
Додека врската меѓу кучињата и нивните сопственици е подолго предмет на научни истражувања, интересот за односот меѓу мачките и луѓето расте во последните години.
Јапонско истражување објавено во 2021 година покажало дека кратката, пријателска интеракција со мачка, вклучувајќи мазење и нежно обраќање, е поврзана со зголемување на нивото на окситоцин во плунката кај дел од сопственичките. Таква промена не била забележана кога учесничките одморале без присуство на своите миленици.
Ова укажува дека блискиот контакт со мачката може да придонесе за чувство на смиреност и поврзаност. Сепак, реакцијата не е иста кај сите луѓе и животни.

Зошто е важно мачката сама да го побара контактот?
Начинот на кој мачката реагира на допир има големо значење за нејзината поврзаност со сопственикот. Истражување од февруари 2025 година ги следело промените во нивото на окситоцин кај мачките и нивните сопственици за време на игра и мазење.
Резултатите укажале дека опуштениот контакт може да биде поврзан со зголемување на нивото на хормонот кај двете страни, особено кога мачката се чувствува сигурно и сама ја започнува интеракцијата. Тоа може да го направи со качување во скутот, нежно туркање со главата или приближување до сопственикот.
Кај мачките што избегнувале контакт не биле забележани исти промени. Кај некои вознемирени животни, пак, нивото на окситоцин се намалувало по присилно мазење.
Затоа, експертите нагласуваат дека е важно да се почитуваат границите на миленикот. Ако мачката се оддалечува, ги сплескува ушите или покажува знаци на вознемиреност, најдобро е да ѝ се остави простор. Довербата се гради преку позитивни искуства, а не преку наметнат физички контакт.
Како мачките покажуваат доверба?
За разлика од кучињата, мачките често користат посуптилни сигнали за да покажат дека се чувствуваат безбедно во нечие присуство.
Еден од најпознатите е бавното трепкање. Кога мачката полека ги затвора и повторно ги отвора очите додека ве гледа, тоа може да биде знак на опуштеност и доверба. Можете и вие нежно да ѝ возвратите со бавно трепкање, без да ја принудувате на контакт.
Предeњето е уште еден звук што многу луѓе го поврзуваат со чувство на смиреност. Ритмичкото предење може да делува релаксирачки, а самото присуство на домашен миленик кај некои луѓе е поврзано со помалку стрес и подобро расположение.
Дружењето со мачка може да биде извор на утеха и емоционална поддршка, иако не треба да се смета за замена за стручна помош при анксиозност или депресија.

Дали мачките се помалку приврзани од кучињата?
Некои истражувања забележуваат посилен окситоцински одговор при интеракција меѓу кучињата и луѓето отколку кај мачките. Во експеримент од 2016 година, по десет минути игра, кај кучињата било забележано просечно зголемување на окситоцинот од 57 отсто, додека кај мачките зголемувањето изнесувало околу 12 отсто.
Сепак, овие резултати не значат дека мачките се помалку приврзани. Кучињата имаат долга историја на припитомување и соработка со луѓето, додека мачките потекнуваат од претежно самостојни ловци и често покажуваат приврзаност на поинаков начин.
Мачките може да бараат близина, да спијат покрај сопственикот, да го следат низ домот или да се качуваат во неговиот скут, но степенот и начинот на покажување приврзаност се разликуваат од животно до животно.
Мал гест што може да значи многу
Мазењето мачка не е само пријатно чувство под прстите. Тоа може да биде дел од позитивна интеракција што придонесува за емоционалната поврзаност меѓу човекот и животното, а кај некои луѓе и за намалување на стресот.
Кога мачката доброволно се приближува, се сместува во скутот и почнува да преде, тоа може да биде знак дека се чувствува безбедно. Притоа, важна улога имаат и допирот, познатото присуство и секојдневните навики што ја зајакнуваат довербата.
Иако научните докази за конкретните хормонални ефекти сè уште се развиваат, едно е јасно: добриот однос со мачката се гради со трпение, нежност и почитување на нејзините потреби.