Почина Ар Џеј Мите, актерот најпознат по улогата во телевизиската серија „Breaking Bad“, наградена со „Еми“, соопшти портпарол на канцеларијата на мировниот судија Синди Инохоса во Браунсвил, Тексас.
Портпаролот изјави дека 34-годишниот актер починал во понеделникот и дека истрагата за неговата смрт е во тек.
Од полициската управа во Браунсвил за Си-Ен-Ен изјавија дека во понеделникот, околу пладне по локално време, добиле повик за итна интервенција. Кога полицајците пристигнале на местото на настанот, Мите веќе бил починат. Засега нема сомнежи дека станува збор за насилна смрт.
Во соопштение објавено преку неговите претставници, семејството на Мите ја потврди неговата смрт и ја истакна неговата хуманитарна работа како амбасадор на организациите „United Cerebral Palsy“ и „Shriners Children’s“, како и неговиот ангажман преку фондацијата „The Mitte Foundation“.
Семејството, исто така, нагласи дека актерот ја користел својата јавна популарност за да ги оспорува стереотипите и да се залага за поголема застапеност на лицата со попреченост во општеството.
Мите, кој живееше со церебрална парализа, го толкуваше ликот на синот на Волтер Вајт, кого го играше Брајан Кренстон, во сите пет сезони на хит-серијата „Breaking Bad“, која се емитуваше на телевизијата Еј-Ем-Си (AMC) од 2008 до 2013 година.
За време на емитувањето, серијата освои бројни награди и признанија, меѓу кои и наградата на Здружението на филмски актери (SAG) за најдобра актерска екипа.