Ѓоковиќ пред УС Опен: „Го правам тоа со години“

Српскиот тенисер вели дека е максимално подготвен за настапот во Њујорк, зборуваше за долговечноста, односот кон телото и новиот документарец за неговата кариера

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Новак Ѓоковиќ зборуваше пред новинарите во пресрет на почетокот на УС Опен, каде што во првото коло ќе игра против Аргентинецот Маријано Навоне.

На почетокот од прес-конференцијата Ѓоковиќ се осврна на документарниот филм за него кој неодамна беше објавен, но и на својата неверојатна долговечност на тениските терени.

„Многу сум горд на долговечноста. Тоа го посакував уште од мали нозе – долго да останам здрав и да можам што подолго да играм. Прекрасно е чувството кога знам дека 20 години по ред се враќам на гренслем-турнирите. Мислам дека само тројца или четворица од нас играат уште од 2006 година – Вавринка, Монфис и Чилиќ. Убаво е тоа. Се сеќавам на мечевите во пет сета со Монфис, а еве нè 20 години подоцна, сè уште сме тука и ја претставуваме старата генерација“, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер вели дека е горд што неговата животна и спортска приказна конечно е претставена во документарен формат.

„Беа потребни години за да го завршиме проектот. Не работев сам, имаше партнери, меѓу кои и Џејсон, кој работеше на ‘The Last Dance’, документарецот за Мајкл Џордан. Дојде за да ја раскаже мојата приказна и тоа за мене е уникатно чувство“, рече Ѓоковиќ.

Тој најави дека документарецот можеби е само почеток и дека во иднина би сакал неговата кариера да биде обработена и во подолг формат.

„Би сакал подлабоко да навлеземе во одредени теми. Постои интерес за дополнително истражување на мојата кариера. Би сакал да пробам поинаков формат, можеби серија. Тешко беше сето она што сакавме да го кажеме да го собереме во 90 минути. Кога сте во центарот на приказната, тешко е да бидете објективни, па оценките им ги препуштам на другите. Засега реакциите се позитивни“, додаде тој.

„Постојано учиме“

Запрашан за начинот на кој се грижи за своето тело и за искуствата што ги разменува со други врвни спортисти, Ѓоковиќ откри дека тоа го прави со години.

„Го правам тоа со години, со спортисти и со различни луѓе од други спортови. Нема да споменувам имиња. Некогаш јас споделувам искуства, некогаш прашувам, но интеракцијата постои бидејќи постојано учиме. Таков ми е начинот на размислување, особено со луѓе кои минуваат низ слични искуства“, рече Ѓоковиќ.

Тој откри и дека постои идеја тие знаења и искуства да бидат собрани и претставени пред пошироката јавност.

„Работиме на тоа, можеби преку медиум или книга, сето тоа да се собере и да биде објавено во блиска иднина.“

„Подготвен сум најдобро што можам“

Ѓоковиќ се осврна и на својот настап на мастерсот во Синсинати, каде што беше елиминиран во првото коло од Тиранте.

„Не сакам да губам никаде, но тоа ми даде време да се подготвам за УС Опен. Добив две недели за тренинг и за да ги доведам телото и умот во состојба за она што следува“, изјави тој.

На прашањето дали е подготвен за последниот гренслем во сезоната, одговори:

„Ако ме прашувате дали сум подготвен – подготвен сум најдобро што можам. Морам да излезам на ‘Артур Еш’ и да бидам подготвен да играм пет сета. Во последно време тоа ми е потешко, бидејќи на тренинг не играте пет сета. Но, ќе одиме чекор по чекор и ќе ја градиме формата.“

Убави зборови за Нишикори

Ѓоковиќ зборуваше и за Кеи Нишикори, кој се подготвува да стави крај на професионалната кариера.

„Кеи е еден од најталентираните играчи што ги познавам и против кои сум играл. Агресивен е и игра брзо на сите подлоги. Исклучително тежок противник. Тешко е да се гледа како се мачи со повредите. Му посакувам сè најдобро во пензионерските денови. Тој испиша историја за јапонскиот спорт и тенис“, истакна Ѓоковиќ.

Новак Ѓоковиќ досега четири пати го освојуваше УС Опен, а последниот трофеј во Њујорк го крена во 2023 година.

Најнови вести