ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје денеска со настанот „Сеќавање на Михаил Ренџов“ одбележа 90 години од раѓањето на еден од значајните поети во македонската книжевност.
Настанот започна со поетското читање „Симнување од крстот“, по што поздравно обраќање имаше в.д. директорката Анета Механджијска. Таа истакна дека творештвото на Ренџов е трајно сведоштво за моќта на поетскиот збор, духовноста и длабокото промислување на животот, нагласувајќи ја одговорноста на библиотеките да го чуваат и афирмираат делото на авторите кои оставиле неизбришлива трага во македонската култура.

За животот и творештвото на поетот говореа проф. д-р Владимир Мартиновски и писателот Братислав Ташковски. Во рамките на програмата беа прочитани извадоци од биографијата на Ренџов, како и неговите антологиски песни „Нерези“, „Се населив тука“, „Одиме со рака фатени“, „Треба да се молчи“ и „Комета“.
Посебен емотивен момент беше присуството на семејството на поетот, а неговиот син, музичарот Пепи Ренџов, приреди музичко-уметнички настап со песни од творештвото на својот татко.
Со ова чествување, Градската библиотека уште еднаш ја потврди својата посветеност на зачувувањето и истакнувањето на македонското книжевно наследство и оддаде почит на делото на Михаил Ренџов, кое продолжува да живее низ генерациите.
