КЕКЕНОВСКИ ЗА РЕПЕР: Не е доволно само да кажеме „ние сме од Македонија“, независноста подразбира и лојалност кон државата

На 8 Септември 1991 година се наздравувало за Македонија, не за власт, партија или функција. Плоштадот експлодирал од радост. Се скандирало „Македонија! Македонија!“. Искрена заедничка радост во која Македонија била над сите политички и лични разлики...

  • 7 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Во 1991 година нашата генерација доби историска можност да создаде независна држава. Обврската на денешните и идните генерации е од таа независна држава да изградат добра, функционална и достоинствена држава. Само тогаш идејата од 8 Септември ќе биде вистински и целосно исполнета… Ова е пораката која Проф, Д-р. Јове Кекеновски ја испраќа за 8 Септември.

Во интервју за РЕПЕР, сведокот на создавањето на македонската држава, вели дека кога ги споредува 1991 и 2026 година, гледа огромно историско и неспорно достигнување, но истовремено и многу пропуштени можности, погрешни политики и пропусти за кои тешко може да се каже дека биле само случајни…

Во наредните 35 години Македонија ја гледа како дел од Европската Унија, но со достоинство, со својот македонски јазик, култура, историја и идентитет..

РЕПЕР: Дали го паметите Денот на независноста, прославата, подготовките пред најзначајниот ден за нашата држава? Говорот на претседателот Киро Глигоров, толпата народ?

КЕКЕНОВСКИ: Таков ден човек не го памети само со разумот, туку со целото свое битие. На 8 септември 1991 година имав само 29 години и два дена, но многу добро бев свесен дека учествувам во нешто што далеку го надминува секој од нас поединечно. Тоа беше ден кога една повеќегенерациска идеја за сопствена, самостојна и суверена македонска држава конечно добиваше своја реалност.

Во тоа време бев потпретседател на Собранието на Град Скопје и заедно со тогашниот претседател Милан Талевски, бевме непосредно вклучени во градскиот референдумски штаб и во организацијата на референдумот. Уште од утрото ги обиколувавме гласачките места низ тогашните пет скопски општини: Чаир, Гази Баба, Центар, Карпош и Кисела Вода. Посетивме неколку десетици, можеби околу седумдесет избирачки места. Она што најмногу ми остана во сеќавање беше спокојството и решителноста на луѓето. Се чувствуваше дека граѓаните знаат зошто излегле да гласаат.

А вечерта… тоа беше нешто што тешко се прераскажува. На плоштадот имаше море од народ. Ние бевме во близина на ресторанот „Метропол“, заедно со највисоките државни претставници, а непосредно пред полноќ почнаа да пристигнуваат и конечните резултати. По објавувањето на резултатите од референдумот од страна на тогашниот претседател на Државната избирачка комисија Никола Конески, претседателот Киро Глигоров ја соопшти историската порака дека Македонија го избрала патот на самостојноста, плоштадот буквално експлодираше од радост. Се скандираше „Македонија! Македонија!“, луѓето се прегрнуваа, некои плачеа. Тешко е денес да се објасни таа енергија на некој што не бил таму.

Имаше и еден мал, но за мене незаборавен симболичен момент. Милан Талевски беше подготвил шише македонски „Повардарски бисер“ со етикета „Трет Илинден“ и осум чаши – симболично, за 8 Септември. Наздравивме за Македонија. Не наздравувавме за власт, партија или функција. Наздравувавме за држава која штотуку се раѓаше пред нашите очи. И можеби токму тоа чувство најмногу ми недостига денес, онаа искрена заедничка радост во која Македонија беше над сите наши политички и лични разлики.

РЕПЕР: Пред 35 години идејата за самостојна и суверена Македонија стана реалност. Кога ќе се вратите назад во минатото, колку Македонија се промени оттогаш?

КЕКЕНОВСКИ: Се промени многу и би било неправедно да кажеме дека ништо не сме постигнале. Пред 35 години создававме држава, институции, сопствен меѓународен субјективитет и учевме што значи самите да ја носиме одговорноста за сопствената иднина. Денес Македонија е меѓународно етаблирана држава, членка на НАТО и земја со јасна европска определба. Тоа не се мали историски достигнувања.

Но, во исто време, не успеавме доволно да ја изградиме внатрешната сила на државата, односно да создадеме потребна општествена и институционална кохезија. Премногу често партиите беа посилни од институциите, партиската лојалност поважна од знаењето и стручноста, а личниот и партискиот интерес поважен од јавниот.

Во процесот на транзицијата и преку погрешно поставениот модел на приватизација се создаде економска олигархија на грбот на голем дел од граѓаните. Дозволивме криминалот, корупцијата и клиентелизмот да навлезат во многу пори на општеството, а значителен дел од тие појави, за жал, останаа без вистинска институционална и правна санкција.

Изградивме државност, но сè уште се бориме да изградиме целосно функционална правна и институционална држава, држава во која Законот ќе важи еднакво за сите, а институциите ќе бидат посилни од партиските, бизнис и личните интереси. Затоа, кога ги споредувам 1991 и 2026 година, гледам огромен историски пат и неспорни достигнувања, но истовремено и многу пропуштени можности, погрешни политики и пропусти за кои тешко може да се каже дека биле само случајни.

РЕПЕР: Дали Македонија денес е онаа посакуваната од пред 35 години?

КЕКЕНОВСКИ: Не целосно. Македонија за која сонувавме на 8 Септември 1991 година беше слободна, демократска, праведна и просперитетна држава во која способноста, знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка, а институциите ќе му служат на граѓанинот, а не на партиските и личните интереси. Сонувавме за држава во која нема да има граѓани од прв, втор или трет ред, во која законите ќе важат подеднакво за сите и во која секој ќе има еднаква шанса да успее според своите способности.

Дел од тој сон го остваривме денес имаме своја независна држава и сами одлучуваме за нејзината иднина. Но, значаен дел од она што го посакувавме тогаш сè уште не сме го изградиле и на некој начин, тоа останува наша обврска кон генерациите што доаѓаат. Најголемата грешка би била да поверуваме дека со прогласувањето на независноста во 1991 година нашата работа била завршена. Државата може да се создаде во еден историски миг, но добра, праведна и функционална држава се гради и надградува секој ден.

РЕПЕР: Дали борбата за независност е целосно добиена?

КЕКЕНОВСКИ: Формално и државно-правно – да. Македонија е независна, самостојна и суверена држава. Но, суштинската независност не е категорија што еднаш се освојува и потоа засекогаш се подразбира. Таа постојано се потврдува преку силни институции, економска стабилност, владеење на правото, способност самостојно да ги штитиме националните интереси, државното достоинство и суверенитетот, но и мудро и одговорно да ги градиме односите со светот.

Не е доволно само да имате знаме, химна и граници. Вистински независна е онаа држава што има капацитет самостојно да носи одлуки во интерес на своите граѓани и доволно силни институции тие одлуки да ги спроведат. Независноста ја освоивме во 1991 година, но зрелоста на таа независност, за жал, сè уште ја градиме премногу бавно.

РЕПЕР: Дали како Македонци знаеме што е независност?

КЕКЕНОВСКИ: Мислам дека понекогаш независноста премногу ја доживуваме како историски датум, а премалку како секојдневна обврска. Не е доволно само да кажеме „ова е наша држава“ или „ние сме од Македонија“. Независноста подразбира и лојалност кон државата, почитување на нејзиниот Устав, Законите, институциите и државните симболи. Тоа важи подеднакво за сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност.

Имаме, за жал и поединци и политички субјекти кои сè уште повеќе се идентификуваат со национални проекти надвор од Македонија отколку со сопствената држава. Особено е проблематично кога се промовираат идеи за „големи“ национални држави, промени на граници или политички концепти кои ја релативизираат македонската државност. Никој нема право од Македонија да бара права, функции, привилегии и институционална заштита, а истовремено да ја оспорува нејзината државност или да се однесува како Законите и Уставот да важат само кога му одговараат.

Почитувањето на државното знаме, грбот, химната и другите уставно и законски утврдени симболи не е прашање на партиска волја, туку на однос кон државата. Истото важи и за почитувањето на Уставниот поредок. Секој граѓанин има право да го негува својот етнички, културен и јазичен идентитет, но истовремено има и обврска да биде лојален на државата во која живее.

Затоа за мене независноста значи и нешто многу едноставно: Македонија мора да биде заедничка држава на сите нејзини граѓани, но и сите нејзини граѓани мора да ја чувствуваат и почитуваат како своја држава. Не може да бараме еднакви права, а да немаме еднаква одговорност кон државата. Само кога таквиот однос кон државата ќе стане дел не само од нашата политичка култура, туку и длабоко вкоренета вредност во нашиот граѓански и национален дух, тогаш независноста навистина ќе ја живееме секој ден, а нема само еднаш годишно свечено да ја славиме.

РЕПЕР: Како ја гледате Македонија во наредните 35 години?

КЕКЕНОВСКИ: Сакам да ја гледам како стабилна, европска и самоуверена држава која повеќе нема постојано да биде принудувана да се преиспитува себеси на секоја политичка крстосница. Македонија која ќе биде дел од Европската Унија, но која во Европа ќе влезе со достоинство, со својот македонски јазик, култура, историја и идентитет, почитувајќи ги истовремено сите свои граѓани и сите свои соседи.

Но, за тоа нема да биде доволна само европската интеграција. Потребни ни се департизирани институции, независно и одговорно судство, вистински систем заснован на заслуги и способности, образование што създава знаење, а не само дипломи и политички систем во кој способните луѓе нема да мора да бараат партиски покровител за да успеат.

Би сакал по 35 години некој од следната генерација, кога ќе го прашаат што значи Македонија за него, да не мора да зборува за битки со корупцијата, партизацијата, неправдата или идентитетските оспорувања. Би сакал да зборува за успешна, уредена, праведна и почитувана држава во која луѓето сакаат да живеат, да создаваат и да ја градат својата иднина.

Во 1991 година нашата генерација доби историска можност да создаде независна држава. Обврската на денешните и идните генерации е од таа независна држава да изградат добра, функционална и достоинствена држава. Само тогаш идејата од 8 Септември ќе биде вистински и целосно исполнета.

Најнови вести