Во Македонија жените заработуваат и до 28 проценти помалку од мажите

Меѓународниот ден на еднаквост во платите се одбележува секоја година на 18 септември, датум што симболично го претставува бројот на дополнителни денови што жените би требало да ги работат за да заработат исто колку и мажите за иста работа.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, жените во 2024 година заработувале во просек 12 насто помалку од мажите, но граѓанските организации проценуваат дека вистинскиот јаз, кога ќе се земат во предвид искуството и образованието, достигнува дури 28 проценти.

Целта за целосна платежна рамноправност е дел и од Агендата за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година.

Во јуни 2026 година, Меѓународната организација на трудот ја усвои Конвенцијата бр. 193, првиот меѓународен трудов стандард посветен на достоинствената работа во платформската економија. Организацијата ја потврди и својата посветеност кон економското зајакнување на жените како еден од темелите на новиот Стратешки план за периодот 2026–2029 година.

Според последните податоци на ЕВРОСТАТ, нерегулираниот родов јаз во платите во земјите на Европската Унија изнесувал 11,1 проценти во 2024 година, што е намалување од 16,2 насто во 2011 година. Сепак, темпото на промена останува бавно.

Најголем јаз бележат Естонија, со 18,8 %, и Чешка, со 18,5 %. Луксембург е единствената земја со негативен јаз од минус 0,8 насто, каде што жените во просек заработуваат малку повеќе од мажите.

Од првата меѓународна конвенција во 1951 година до денес, светот се уште не постигнал целосна рамноправност меѓу мажите и жените. На светско ниво, според проценките на Обединетите нации, просечниот родов јаз во платите изнесува околу 20 проценти.

Меѓународната коалиција за еднакви плати (EPIC), предводена од Меѓународната организација на трудот, УН Жени и ОЕЦД, на глобално, регионално и национално ниво работи со владите, работодавците и синдикатите, со цел постигнување видливи резултати во примената на политиките за еднакви плати.

Најнови вести