Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од западните сојузници јасни безбедносни гаранции, со кои би се утврдило како САД и Европската Унија ќе реагираат доколку Русија повторно ја нападне Украина по евентуалното завршување на војната.
Барањето следува по разговорите во Брисел на кои учествуваа претставници на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Европската Унија, Светската банка и инвестициската компанија Black Rock.
Зеленски ги повика западните сојузници да не ги одложуваат испораките и нотираше за постојани прекини на електричната енергија во украинските региони по руските напади врз енергетската мрежа на земјата.
„Постојат нови договори за снабдување со енергија од Германија, Шпанија, Словачка и други земји – токму она што е потребно за поправки и резерви. Украинската влада работи одделно на задачите во Киев. Подготовките на градско ниво не успеаја, вклучувајќи алтернативни извори на електрична енергија за водоводната компанија и многу други прашања“, рече Зеленски.
Украинскиот лидер предупреди дека имаат разузнавачки информации за подготовка на нов напад врз енергетскиот сектор, мостовите преку реката Днепар и цивилната инфраструктура.
Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина предизвикаа обемни прекини на електричната енергија во седум региони на земјата, соопшти Министерството за енергетика. Регионот Киев беше најтешко погоден, а штетите предизвикаа континуирани ограничувања на мрежата.