Интервју

Александар Николовски за РЕПЕР: 180 денари за субвенциониран оброк е над износот што ние го пресметавме – тоа е позитивен чекор

  • 5 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Студентите не смеат да бидат само глас што се слуша за време на протести, туку рамноправни партнери во креирањето на образовните политики. Но, колку институциите навистина ги слушаат нивните барања и дали младите се движечка сила на општеството или сè повеќе остануваат на неговите маргини, на овие прашања на РЕПЕР, одговара Александар Николовски.

Една година по завршувањето на мандатот на чело на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, студентскиот активизам за него не завршува. Преку „Студентарија“ продолжува да се залага за подобри услови за студирање и заштита на студентските права.

Репер: Пред една година го заврши мандатот како лидер на Универзитетското Студентско Собрание на УКИМ, но твојот студентски активизам не застана тука, туку продолжи во Студентарија. Што те водеше и натаму да се активираш во срудентските движења?

Александар Николовски: Идејата дека можам да помагам секојдневно на илјадници колеги со искуството кое го носам од студентските организации претходно. Но, исто така и креирањето на нови можности, иницијативи, проекти и настани. Сметам дека активизмот не треба да зависи од траењето на мандатите.

Репер: Дали некогаш почувствува политички притисок додека беше на чело на УСС, со оглед дека многу клучни процеси се случува во високото образование, имаше многу преговори, разговори, протести и во меѓувреме се сменика и неколку министри за образование или наиде на поддршка и од студентите и од Министрите.

Александар Николовски: Имаше притисоци секако, но имаше и моменти на заедничка комуникација и поддршка.

Двете мандатни години беа исклучително динамични. Имавме неколку протести, имавме периоди на вистински притисок, во меѓувреме дојде и до смена на министерот за образование.

Секоја смена значи дека се почнува одново, се објаснуваат истите проблеми, се градат односи, а предизвиците секако се појавуваат.

Со дел од институциите изградивме навистина добра и функционална комуникација. Имаше моменти кога бевме слушнати и кога работите се решаваа во разговор, без да мора да излеземе на улица.

Мојот став и тогаш и сега е дека протестот е последното средство, а не првото. Кога институциите реагираат, протестот не е нужен.

Проблемот настанува кога институциите не реагираат и тогаш студентите немаат друг избор.

Репер: Беше дел и од работната група за измените на Законот за високо образование и покрај тоа, имаше низа забелепки најмногу за недостигот од капитални инвестиции на УКИМ. Сметаш дека во оваа форма законот е добар и ќе го унапреди студентскиот стандард?

Александар Николовски: Студентскиот стандард во Македонија е опфатен со Законот за студентски стандард, не е зависен толку од Законот за високо образование.

Што се однесува до Законот за високо образование, мојата најголема забелешка е што студентските барања не беа целосно испочитувани.

Најважното, вметнувањето на Националното студентско тело во законот, не помина кај Министерството за образование и наука.

Тоа за мене е суштинско прашање, затоа што станува збор за тоа дали студентите ќе имаат законски признат глас на национално ниво или ќе зависат од добрата волја на тековниот министер.

Како некој кој беше дел од работната група сметам дека сè уште има простор за измени во одредени членови за кои имавме испратено забелешки и на ЕНЕР во два наврата, пред законот да биде донесен и предлогот во оваа форма може да биде значително подобар.

Репер: Пред неколку дена како дел од Студентарија ги претстави главните забелешки и проблеми со кои се соочуваат студентите. Најголем одек во јавноста имаше барањето за износот на студентскиот оброк. Што е вашиот предлог и дали е прифатливо решението кое го нуди Владата?

Александар Николовски: Одговорот на прашањето е мој личен став, а не став на Студентарија.

Прво, законот мора да се почитува. Законот предвидува износот да се усогласува со инфлацијата по секоја фискална година. Тоа не е наша желба, тоа е обврска. Од 2023 година досега поминаа три завршени фискални години без ниту едно усогласување.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, износот денес треба да изнесува околу 165 денари, а не 140. Второ, мерката мора да се користи за својата намена.

Субвенционираниот оброк е мерка за исхрана и логично е парите да одат за храна.

Трето, и за мене најзапоставено, важно е каква храна. Ако зборуваме за здрав студентски оброк, тогаш тој треба нутритивно да ги исполнува стандардите.

Досега дебатата се водеше само околу бројки, а не околу тоа што всушност јадат студентите за тие средства.

Што се однесува до предложените 4.500 денари месечно, тоа одговара на околу 180 денари по оброк, што е над износот што го пресметавме. Тоа е позитивен чекор секако, но истиот претставува предлог, а не конечно донесена одлука.

Репер: Слушаме различни ставови од студенти и од министерката Јаневска за Студентскиот дом Стив Наумов, што е вистината според вас и какви се проблеми се пријавуваат кај вас?

Александар Николовски: Видеата кои се појавија во јавност како министерката го проверува домот дали е во ред, не треба да биде начинот на решавање на предизвиците кои се случуваат во истиот.

Иако на видеата не беа прикажани проблемите со кои се соочуваат, факт е дека во домот радијаторите пиштеа, факт е дека имаше течење на вода од плафон во тоалети и од ѕидови и факт е дека вечерата е недоволна.

Домот треба да комуницира со студентите што не е во ред и да ги решава проблемите кои се појавуваат, а исто така и ние сме во секојдневна комуникација со домот и пренесуваме пријави од студенти.

Репер: И за крај дали студентите се движечка сила во земјава или се на маргините?

Александар Николовски: Секако дека студентите се и треба да бидат движечката сила во земјата.

Но, мојот личен впечаток е дека политиките за младите во последно време се маргинализирани и дека несериозно се гледа на барањата на младите во однос на целосно подобрување на младинскиот стандард.

Игнорирањето на младите и на политиките за младите во иднина може да биде фактор за создавање на револт, кој не мора да го има, доколку навремено се комуницираат проблемите и се дејствува по истите.

Најнови вести