РЕПЕР: Први септември за некого радост, а за некого стрес. Покрај наставниците, огромна улога во воведувањето на првачињата во образовниот процес имаат и родителите. Кои се Вашите совети за полесен прв училиштен ден?
Mарија Конескa: Првиот училишен ден не е само почеток на образованието, туку и голем емоционален настан во животот на детето и на целото семејство. Во исто време може да има радост, возбуда, љубопитност, но и страв, несигурност и тага поради одвојувањето. Сите овие чувства се природни и важно е родителите да му покажат на детето дека може слободно да зборува за нив. Најдобрата подготовка не е постојаното повторување: „Сега си голем/а“, туку создавањето чувство на сигурност. Родителот може да му објасни што конкретно го очекува: кој ќе го однесе, каде ќе влезе, кој ќе го пречека, колку приближно ќе трае престојот и кој ќе дојде по него. Колку ситуацијата е по предвидлива, толку детето се чувствува побезбедно. Утрото треба да биде мирно, без брзање и дополнителна напнатост. Добро е училишниот прибор и облеката да бидат подготвени претходната вечер, а детето да има доволно време да стане, да појадува и да се подготви.

Разделбата пред училиштето нека биде кратка, топла и сигурна. Долгото поздравување, повеќекратното враќање или загрижениот израз на родителот може дополнително да ја зголемат несигурноста. Едноставна порака како: „Знам дека ова е нешто ново. Верувам во тебе, а јас ќе бидам тука кога ќе завршиш“, му дава на детето и поддршка и доверба. По враќањето од училиште, наместо веднаш да го прашуваме: „Што научивте?“, „Дали беше мирен/мирна?“ или „Дали сè направи како што треба?“, можеме да прашаме: „Што ти беше најинтересно денес?“, „Што те израдува?“ или „Имаше ли нешто што ти беше тешко?“. На детето му е потребен простор да го доживее училиштето со свое темпо, а не да почувствува дека од првиот ден мора да исполни низа очекувања.
РЕПЕР: Тешка може да биде и транзицијата на децата од градинка во училиште. Како да им ја олесниме оваа промена?
Mарија Конеска: Преминот од градинка во училиште е значајна развојна промена. Детето влегува во нов простор, со нови возрасни, нова група, поинаква дневна структура и поголеми очекувања. Иако посетувало градинка и има искуство со одвојување од родителите, училиштето сепак претставува нова и непозната средина. Оваа транзиција најлесно се поминува кога детето однапред постепено се запознава со она што го очекува. Може заедно да го посетат училиштето, да ја видат училишната зграда и патот до неа, да разговараат за одморите, училишната клупа, наставникот и другарчињата. Дома може низ игра да се прикаже еден училиштен ден, но без училиштето да се претставува како место во кое детето постојано ќе биде оценувано или казнувано.
Особено е важно навреме да се воспостави дневна рутина – порано легнување, будење во приближно исто време, самостојно облекување, подготвување на своите работи и кратки периоди на насочено внимание. Но подготовката за училиште не треба да се претвори во интензивно вежбање и дополнителен притисок. На детето повеќе ќе му користат развиената љубопитност, способноста да побара помош, да почека, да соработува и да ги изрази своите потреби отколку однапред совршено да чита и пишува. Родителите треба да го нормализираат и чувството на страв: „Разбирливо е што си малку загрижен/а, бидејќи сè уште не знаеш како ќе изгледа. Ќе го запознаваш училиштето чекор по чекор“. На тој начин детето учи дека храброста не значи да нема страв, туку да направи нов чекор и покрај стравот.
3. Што со децата кои претходно не посетувале градинка и можеби немале поголема подготовка за училишните обврски?
Maрија Конеска: Важно е овие деца да не бидат однапред означени како „неподготвени“. Посетувањето градинка може да го олесни навикнувањето на група и организирана средина, но само по себе не ја определува успешноста на детето во училиште. Секое дете има различни искуства, способности и свое темпо на приспособување. Кај децата кои не посетувале градинка, почетокот може да бара повеќе време за навикнување на одвојувањето од родителите, следењето групни правила, чекањето ред, споделувањето простор и материјали и самостојното организирање. Тоа не значи дека детето нема да се приспособи, туку дека можеби ќе му бидат потребни повеќе трпение, јасна структура и охрабрување. Родителите можат да вежбаат практични вештини: детето самостојно да ја отвори чантата, да го препознае својот прибор, да се облече, да побара дозвола или помош, да каже кога нешто не разбира и да запомни едноставни упатства.

Корисни се и дружењето со врсници, друштвените игри, читањето приказни, цртањето и разговорите во кои детето учи да слуша и да се изразува. Не треба да се споредува со деца кои посетувале градинка или веќе читаат и пишуваат. Речениците како: „Сите други знаат, само ти не знаеш“, создаваат срам и ја намалуваат самодовербата. Многу покорисно е да му кажеме: „Некои работи ти се нови, но ќе ги научиш. Не мора сè да знаеш уште првиот ден“. Во овој период е особено важна соработката меѓу родителот и наставникот. Кога возрасните разменуваат информации и имаат усогласен пристап, детето добива чувство дека училиштето и домот се две сигурни средини кои заеднички го поддржуваат.
4. Кои се Вашите совети до родителите доколку детето има тешкотии во првите недели? Како да му пристапат, да му го објаснат процесот и кога треба да се обратат кај психолог?
Марија Конеска: Одредени реакции во првите недели се очекувани. Детето може да биде почувствително, поуморно, раздразливо, да бара повеќе близина, потешко да заспива, да се жали на стомачни болки или да кажува дека не сака да оди на училиште. Тоа не значи дека веднаш постои сериозен проблем. Адаптацијата бара време, а детето дома често ја ослободува напнатоста што ја задржувало во новата средина. Најважно е родителот прво да слуша, а потоа да нуди решенија. Наместо: „Нема од што да се плашиш“, подобро е да каже: „Гледам дека ти е тешко. Кажи ми кој дел ти е најтежок“. Кога му велиме дека нема причина за страв, детето може да почувствува дека не го разбираме. Кога го именуваме неговото чувство, му покажуваме дека не е само во него. Треба да откриеме што точно стои зад отпорот: разделбата од родителот, стравот дека нема да знае, односот со друго дете, тешкотијата да ги следи инструкциите, бучавата, заморот или некоја конкретна непријатна ситуација. Потоа проблемот може да се подели на мали, совладливи чекори. На детето може да му кажеме: „Не мора веднаш сè да ти биде лесно. Секој ден ќе запознаваш по нешто ново, а ние и наставникот ќе ти помагаме“. Притоа, важно е родителите да не го повлекуваат детето од училиштето при секоја вознемиреност, бидејќи избегнувањето може дополнително да го зацврсти стравот.

Потребни се емпатија и поддршка, но и мирна доследност во дневната рутина. Истовремено, треба навреме да се разговара со наставникот и со стручната служба во училиштето, за да се согледа како детето функционира и надвор од домот. Помош од психолог е препорачлива кога тешкотиите се силни, не се намалуваат или се влошуваат; кога детето упорно одбива да оди на училиште; кога секојдневно има интензивни телесни реакции без утврдена здравствена причина; кога се појавуваат изразени промени во спиењето, апетитот, расположението или однесувањето; кога детето се повлекува, често плаче, има силни стравови или кажува дека не вреди и дека ништо не може. Стручна процена е потребна и ако постои сомневање за врсничко насилство, развојни тешкотии, проблеми со вниманието, говорот, учењето или социјалното приспособување. Не е неопходно родителот да чека проблемот да стане многу сериозен. Разговорот со психолог не значи дека со детето „нешто не е во ред“. Тоа значи дека семејството навреме бара насока и поддршка за една важна животна промена.
На крајот, најважната порака до родителите е дека детето не треба да биде совршено подготвено за училиштето. Потребно е да знае дека е сакано и кога греши, дека смее да побара помош и дека возрасните веруваат во неговата способност постепено да расте.