Миа Костова открива како изгледа мајчинството без притисок, без наметнување и со една единствена желба- нејзиниот син да биде среќен. Отворено и емотивно за РЕПЕР, зборува за воспитувањето, грешките, границите и лекциите што не се учат во училиште..
РЕПЕР: Први септември асоцира на тргнување во училиште, а за многу девојчиња и момчиња овој ден е помалку стресен, но и дава хинт за тоа што би сакале да бидеме во животот. Дали ти Миа го паметиш првиот училишен ден и дали уште како мала знаеше што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?
МИА КОСТОВА: Да бидам максимално искрена, воопшто не го памтам првиот училишен ден. Ќе му дојде далечната 1991 година. Првично ме запишаа во „Коле Неделковски“ за да во трето да ме префрлат во „Песталоци“ затоа што некако се мачев со една ужасно строга наставничка по математика која кубеше за коса и плескаше по раце. Секако, првиот ден со сигурност од слики, барем сум фино дотерана во комбинација на татко ми, исчешлана од мајка ми, без заби. За себе никогаш не сум имала точна идеја што сакам да бидам но… Некако зборувањето пред огледало ми беше секогаш омилено. Тогаш сакав да сум спикер на вести, ама тоа се претвори во сопствена платформа по која ме препознаваат.
РЕПЕР: Дали беше повозбудена кога Андрија тргнуваше на училиште знаејќи што го очекува, нови другарчиња, околина, учителки, учење. Колку ти беше тешко да се справиш со тој предизвик?
МИА КОСТОВА: Не знам дали бев возбудена дали исплашена. Се отепав од плачење кога го прочитаа со име да се поздрави со наставничката, дополнително ми беше стрес што не знаев како ќе се снајде, како и секоја мајка, знаејќи дека е многу мирен и прилично воспитан. Денес сум среќна дека со истото воспитување си го најде и патот и другарите. Исто воспитан со многу другари.

РЕПЕР: Кој ти беше најголема поддршка кога требаше Андрија да пишува домашна, да учи лекции, да чита лектири, или како мајка целата таа иницијатива ја презеде ти, колку беше тежок тој процес за тебе лично?
МИА КОСТОВА: Искрено никој! Јас и Андрија се успеавме сами особено кога е училиште во прашање. Помагав кога се бараше, но никогаш не сум била родител кој притиска сѐ да е под конец и до ден денес мене оценките не ми се најважни. Го праќав на дополнителни часови ако нешто не му одеше но никогаш не сум била мајка која е фокусирана на скроз одличен. Ниту ми е важно да е капацитет. Она што барам од него е да е воспитан, да препознава авторитети, да знае како зборува, двојката и тројката не ми значи ни за утре, ни за низ животот.
РЕПЕР: Кој беше твојот РЕПЕР за тоа, во какво момче треба да порасне Андрија? Дали од родителите, поблиското опкружување или поучена од животните лекции и мајчинскиот сенс, знаеше токму на кој пат треба да го водиш Андрија?
МИА КОСТОВА: После сѐ се трудам да го пренесам воспитувањето од моите родители. Да му дадеш правец е едно ама да го тортурираш со свои идеи за тоа кој и што треба да биде – за мене е ужасно. Сакам да е среќен. Дали ќе вози трактор и тоа ќе го исполни и ќе може да се грижи за себе или ќе биде директор во Сингапур мене ми е сеедно искрено. Важно ми е да не фати лош пат, не ми е важно каков репер има. Мојата идеја е неважна.

РЕПЕР: Сигурно многу родители кои што работат од 9 до 5 се прашуваат како Миа како успешен инфлуенсер, човек кој што има толку многу работни активности, а притоа патува и ужива во животот со полни гради, успева да менаџира се, кој е тајниот рецепт?
МИА КОСТОВА: Вистината е дека Миа има далеку повеќе време од секој што работи од 9 до 5. Сум работела и знам колку животот и денот е ограничен со стриктно работно време и време кога смееш да одиш на одмор. Сметам дека сум со многу поголема привилегија од секој кој има работно време и искрено им се поклонувам на сите кои се тоа го менаџираат и со две и три деца. Јас можам да работам два дена, три да земам за себе – тоа е многу олеснително. Никако не сметам дека сум во позиција на тешко менаџирање. Напротив. Сериозно менаџира мајка со работно време, деца, семејство и се пропратно…
РЕПЕР: Сега кога Андрија е тинејџер, дали обврските се помали во однос на навиките за учење, исхраната, вонучилишните активности? Дали фразата, колку е помало детето, толку се помали обврските се уште важи?
МИА КОСТОВА: Обврските за дете и иглата што те боцка во задникот е засекогаш. И на 3 и на 13 и на 33… Сега е полесно што е многу самостоен, прави сѐ сам но, ручек дома има секој ден, многу сум посветена околу некои правила соодветни на возраста, грижата кога е излезен или желбата да преспие кај другар. Големи деца големи проблеми да, но – организацијата за сѐ е многу полесна.

РЕПЕР: И за крај, дали и покрај сите предизвици што ги имаше ти како ученик, а исто и Андрија, сметаш дека тешките животни искуства треба да ги научиме сами и секогаш примерот треба да бидеме ние самите и нашата интуиција.
МИА КОСТОВА: Ние сме тука за совет и поддршка. Колку и да си тука не може да го спасиш од предизвици кои ги носат тинејџерство, младост и луди години. Господ да ги чува, за другото да сме тука. Времето не се враќа. Посветете време на децата, ќе ги барате да ги кренете во раце, ама ќе превртат со очи дека е срамота.